Граѓаните стравуваат за безбедноста, експертите препорачуваат поголема превенција
Екипата на МТВ направи анкета меѓу луѓето, дел од нив сметаат дека се безбедни, бидејќи како што велат тие се чесни граѓани и не би требало да бидат мета на криминални структури, други пак и порачуваат на полицијата, посериозно да се позанимава со прашањето за превенција и безбедност...

Дали граѓаните се безбедни е навистина релативно прашање. Екипата на МТВ направи анкета меѓу луѓето, да видиме што мислат тие за случувањата во скопскиот трговски центар. Дел од нив сметаат дека се безбедни, бидејќи како што велат тие се чесни граѓани и не би требало да бидат мета на криминални структури. Други пак и порачуваат на полицијата, посериозно да се позанимава со прашањето за превенција и безбедност кога станува збор за трговските центри.
Поранешниот началник на крим-полицијата Љубомир Ѓурчевски, стравува дека криминалните банди Грчец – Чаир – Арачиново, ако не се разбијат, може да направат нов инцидент.
Ѓурчевски смета дека полицијата потфрлила на оперативен план, затоа што таа требала да знае каде се движат, па дури и каде пијат кафе криминалните структури. Според него, во случаи кога постои маркирана жртва полицијата треба да биде поприсутна, посебно на локации каде има поголема фреквенција на луѓе. Ѓурчевски го отвори и прашањето за стручноста на Агенциите за приватното обезбедување.
Во инцидентот во молот – настрадаа две лица. Лекарите велат состојбата им е стабилна, но животозагрозувачка бидејќи добиле повеќе огнострелни рани.
Остануваат на лекување под постојан медицински надзор.
Анита Димитријевска – Велковска
