Болниците пред колапс, Газа снемува гориво
Болниците во Газа се под зголем притисок. Лекарите не можат да се справат со големиот број повредени. Газа останува без гориво и неизвесно е како ќе се функционира понатаму. Меѓународната заедница апелира да запре крвопролевањето...

Болниците во Газа се под зголем притисок. Според СЗО, 12 од 35 здравствени установи во Газа не функционираат. Откако Израел ги засили гранатирањата, лекарите од седумте главни болници едвај успеваат да ги згрижат повредените пациенти. Условите не дозволуваат соодветен третман. Недостигаат лекови и безбедни простории за работа.
„Примивме неидентификувана пациентка, која претрпе шок од бруталното гранатирање на нејзиниот дом. Таа беше во раниот деветти месец од бременоста. На ургентниот центар и е направен итен царски рез“, изјави д-р Салим Сакер-шеф на хируршкиот оддел во болницата Насер.
„Напаѓаат само по домови. Ако ни дадат оружје, ќе се одмаздиме, само треба да ни дадат оружје. Само што ја завршивме вечерата, а тие ни го срушија домот врз глава“, изјави преживеан во нападите врз Газа.
Во гранатирањата настрада и единствената пекара во бегалски камп во јужниот дел на Газа.
„Ние во кампот бевме изненадени, израелски воени авиони ја бомбардираа новата пекара која е единствена во кампот и која секојдневно ја посетуваат илјадници граѓани“, изјави Асад ал Баироти-жител на Газа.
Газа останува без гориво и неизвесно е како ќе се функционира понатаму. Палестинската Црвена полумесечина соопшти дека уште еден конвој со хуманитарна помош пристигнал преку преминот Рафах. Израелските власти велат дека Тел Авив прави хуманитарни напори кои ги вклучуваат Египет и САД. Меѓународната заедница апелира да запре крвопролевањето.
„Го повикуваме целото население во градот Газа и неговата околина – терористичката организација предводена од Хамас ве користи. За ваша безбедност, не дозволувајте да ве користат. Одете на југ, јужно од Вади Газа“, изјави Даниел Хагари-портпарол на израелската одбрана.
Израелската војска соопшти дека бројот на заложници од Хамас во Газа за време на нападот на 7 октомври е ажуриран на 222 лица. Во војната досега има повеќе 5.700 загинати, од кои речиси 2.300 се деца и малолетници. На централниот плоштад во Тел Авив поставени кадифени мечиња со врзани очи со слики од деца земени како заложници од Хамас.
Маријана Димовска
