Воен конфликт

Ситуацијата во Израел се нормализира, Македонците кои останаа во земјата не размислуваат да ја напуштат

25.10.2023 14:53

Македонските државјани коишто останаа во земјата не размислуваат да ја напуштат, вели Љупчо Тасевски, којшто четири години работи во Тел Авив. Македонските државјани се наоѓаат на безбедни места што не се цел на нападите. За нив засега нема опасност, но ситуацијата може да се смени...

Ситуацијата во Израел се нормализира. Воздушни напади има секојдневно, но железната купола ги штити градовите. Македонските државјани коишто останаа во земјата не размислуваат да ја напуштат, вели Љупчо Тасевски, којшто четири години работи во Тел Авив.

„Почна да функционира нормално. Еднаш во денот се случуваат ракетни напади, но тоа е сè поретко и поретко. Израел полека се враќа во нормален колосек, на плажите има луѓе, но не е како порано, како пред 7-ми октомври. Сепак можам да кажам дека и индустријата и економијата почнаа да функционираат нормално“, изјави за МТВ Љупчо Тасевски, Македонец во Израел.

Македонските државјани се наоѓаат на безбедни места што не се цел на нападите. За нив засега нема опасност, но ситуацијата може да се смени кога ќе почне копнената офанзива на израелските сили во Газа.

„Во комуникација сум со десетина Македонци кои се сè уште тука, сигурно има и повеќе. Тие се чувствуваат безбедно. Од тие што планираат да си одат, велат дека ќе си одат најмногу поради притисокот од нивните семејства во Македонија. Сега, кога ќе почне копнената акција во Газа, тогаш може работите да излезат од контрола, тогаш ќе биде непредвидливо и никој нема да може да знае со сигурност што ќе се случува“, додава Тасевски.

Појасот Газа останува затворен, а со тоа и евакуацијата на петтемина македонски државјани е невозможна. Кризниот штаб при Министерството за надворешни работи останува во секојдневен контакт со македонските државјани. Досега беа евакуирани 67 наши државјани со специјален лет.

Ирина Гелевска