Нов метод во здравството – стентирање на дишник
Двајца млади луѓе ќе можат нормално да дишат по извршената инвазивна интервенција на дишникот од тим македонски доктори од Клиниките за уво, нос и грло и од Тораковаскуларната хирургија...

Момче што скокало од карпа во Охридското Езеро и притоа го скршил рбетот, лежело две години неподвижно со апарати за дишење од кои му се оштетил душникот. Друго момче имало тешки повреди во сообраќајна несреќа, со механички повреди на душникот. Сега дишат нормално по стентирање на душникот. Оваа е прва ваква ендоскопска интервенција изведена кај нас.
„Ефектите беа беспрекорни,буквално од една третина од луменот за дишење на цевката на душникот направивме нормален душник.Дури не можам ни да поверувам. Вториот помина исто така извонредно. Сакам да нагласам дека компликации од оваа ендоскопска балон вазодилатација има многу“, вели проф. д-р Никола Николовски-хирург -директор на УК за уво, нос и грло.
„Пробуваме да спасиме ако можеме до крајот на животот, или за еден подолг период момчето да закрепне од таа политраума што ја има од сите апарати за дишење повеќе од еден месец. Има фрактури на коски, крвавење во белите дробови и во мозокот, значи тоа било една тешка политраума“, вели Директор на УК за тораковаскуларна хирургија проф. д-р Зоран Спировски.
Нашите доктори учеле преку видеоврска, а интервенциите се направени со помош на донирана американска опрема.
„Едукациите што се спроведуваат од страна на Министерството за здравство, тренингот што се спроведува,соработката што се воспостави ,особено со американските доктори кои доаѓаат во РМ, резултираат со воведување нови методи за спасување животи и со имплементирање интервенции што досега не се работеле во РМ“, рече министерот за здравство Никола Тодоров.
Душникот е единствен орган кој се уште не се трансплантира. Кај нас веќе 10 години се прави класична операција. Оваа метода на стентирање на душникот во светот се применува од 2008 година. Ретко се изведува и на Балканот, освен во поголемите медицински центри.
Соња Стојановска
