За власта изолиран инцидент, опозицијата бара оставка
Еден од повредените во престрелката во трговски центар во Скопје е сè уште во животозагрозувачка состојба. Министерот уверува дека инцидентот е изолиран, а полицијата се грижи за безбедноста на граѓаните. Опозицијата бара оставка од Спасовски...

Пукањето во еден од трговските центри во Скопје, во кое маж со огнено оружје отвори оган и рани две лица во внатрешноста на објектот, не е закана по безбедноста. Се работи за криминална пресметка и изолиран случај, уверува министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Тој посочува дека нападот е дел од криминалните активности кои секојдневно се случуваат не само во Скопје туку и во другите градови, а полицијата постојано презема мерки за сузбивање на криминалните групи.
Мафијашките пресметки во Скопје станаа секојдневие – критикува ВМРО-ДПМНЕ. Опозициската партијата смета дека МВР потфрлило и во превенцијата, но и во пронаоѓање на напаѓачот. Бараат Спасовски да поднесе оставка.
Спасовски, прашан за терористичките ќелии во регионот, рече дека институциите работат на превенција и ресоцијализација на повратниците кои биле на воените жаришта во Сирија, Авганистан и Ирак. Низ програмите се дејствувало да нема можност за радикализација на нови лица опфатени во групите.
Првиот човек на МВР уверува дека се комуницира на дневна основа, состојбата е целосно под контрола и нема индиции за нарушување на безбедноста од терористички групи.
Наташа Гркова-Петрушевска
