Економија

Ставрески: Економските политики поставени на здрава основа

28.05.2014 16:51

Ставрески вели дека сега е рано да се зборува за ребаланс на Буџетот и дека ќе се почека до средината на годинава...

Индустријата застана на нозе. И во април е регистриран раст на производството од 2,2 процента. За првите четири месеци од годинава, пак, позитивата изнесува 3,1 насто. Властите очекуваат, позитивниот тренд да се задржи до крајот на годинава.

„Економските политики се долгорочно поставени на здрава основа и нема причина да не продолжиме со позитивните трендови во индустријата и општо, во реалната економска активност. Очекувам годинава да имаме позитивно движење на индустриското производство, коешто ќе помогне во остварувањето на проектираниот економски раст од 3,5 проценти“, изјави Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.

Ставрески вели дека сега е рано да се зборува за ребаланс на Буџетот и дека ќе се почека до средината на годинава. Уверува дека Владата ќе го испочитува проектираниот буџетски дефицит од 3,5 проценти, и покрај тоа што на почетокот на годинава се искористени повеќе средства, пред сè, за исплата на субвенции и за финансирање на капиталните проекти. А, токму вложувањето во капитални проекти, според економистите, ќе го поттикне економскиот раст.

„Годинава ќе се градат три автопати и железничка пруга, со што се дава еден силен импут од државните инвестиции“, смета универзитетскиот професор Димитар Ефтимоски.

Вицепремиерот смета дека Владата во континуитет води економски политики кои имаат за цел да го олеснат работењето на стопанството. И во време на криза, даноците останале ниски, обезбедени се 350 милиони евра поволни кредити преку ЕИБ, а дополнително, вели Ставрески, со 10 милиони евра ќе се докапитализира Македонската банка за поддршка на развојот и ќе се приспособат казните на фирмите согласно со нивната големина и економска моќ.

 

Мартин Пушевски