Израел

Израел подготвува копнена инвазија врз Газа

26.10.2023 09:27

Израелската армија не се откажува од копнена инвазија во Газа. Сепак, детали не се откриваат. Извесно е дека се чека САД да ги постават системите за противвоздушна одбрана во регионот. Повеќе од половина од заложниците кои ги држи Хамас се странци од 25 различни земји, соопшти израелската Влада...

Израелските копнени сили во текот на ноќта извршиле операција во северниот дел на Појасот Газа, напаѓајќи цели на Хамас, соопшти војската. Жителите на Газа и натаму се под постојан артилериски оган, без струја, храна, вода. Со постојаните напади, расте бројот на жртви. Синоќа, израелскиот премиер Нетанјаху потврди, Израел подготвува копнена инвазија врз Газа. Одлуката за влез во палестинската енклава, која е под контрола на Хамас, ќе ја донесе специјалниот воен кабинет на владата.

„Она што стои пред нашите очи е само едно – спасување на земјата, постигнување победа. Веќе елиминиравме илјадници терористи. Ова е само почеток. Во исто време, се подготвуваме за копнена операција. Нема да прецизирам кога, како, колку“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.

Претставничкиот дом на Конгресот на САД, кој синоќа доби нов претседател, републиканецот Мајк Џонсон, веднаш усвои резолуција за поддршка на Израел. Американскиот претседател Бајден повика на обновена посветеност кон евентуалното создавање на палестинска држава откако ќе заврши конфликтот меѓу Израел и Хамас.

„Израелците и Палестинците подеднакво заслужуваат да живеат рамо до рамо во безбедност, достоинство и мир. Тоа значи дека кога оваа криза ќе заврши, мора да има визија за она што следува. И според наше мислење, тоа треба да биде решение со две држави“, изјави Џо Бајден – претседател на САД.

Францускиот претседател Макрон кој ги посети Израел, Палестина, Јордан и Египет го упати истиот повик. По средбата со египетскиот претседателот Ал Сиси, изјави дека Париз ќе испрати брод со помош за болниците во Појасот Газа.

„Треба да дејствуваме решително за конечно да го постигнеме решението на две држави, Израел и Палестина, кои живеат една до друга во мир и безбедност. Само затоа што е стара идеја не значи дека е застарена“, рече Емануел Макрон-претседател на Франција.

И додека рускиот претседател Путин предупредува дека израелскиот конфликт со Хамас може да се прошири многу подалеку од Блискиот Исток, во Советот за безбедност на ООН не поминаа две резолуции за решавање на хуманитарната криза во Газа. На резолуцијата од САД, Русија и Кина ставија вето. На ново гласање, Вашингтон и Лондон ставија вето на резолуцијата од Москва.

 

Маријана Димовска