Свет

Масакр во САД: Убиени 22 лица, ранети повеќе од 50, полицијата трага по напаѓачот

26.10.2023 12:16

Маж вооружен со автоматска пушка уби 22 лица и рани повеќе од 50 во американскиот град Левистон, во сојузната држава Мејн. Полицијата трага по напаѓачот Роберт Кард, кој бил инструктор за огнено оружје…

Масовно убиство во САД. Вооружен напаѓач со пушка отвори оган во ресторан и кугларница во градот Левистон, во сојузната држава Мејн. Над 20 лица загинаа, а повеќе од 50 се ранети.

„Само нормална ноќ во кугларницата. Од никаде слушнавме силен звук на пукање. Мислев дека е балон. Се свртев со грбот кон вратата и видов дека тој држеше оружје. 10 минути ѝ требаа на полицијата да стигне“, вели Брендон – сведок на пукање во куглана.

„Слушнав луѓе таму долу покрај вратите. Има една девојка долу. Пет луѓе, сите се застрелани“, додава Синтија Хантер-сведок.

40-годишниот маж е идентификуван како Роберт Кард. Бил овластен инструктор за огнено оружје, како и армиски резервист. Според властите, тој неодамна упатил закани дека ќе изврши напад во објект на Националната гарда во Сако, Мејн, по што било констатирано дека има проблеми со менталното здравје.

„Ние имаме буквално стотици полицајци кои работат низ државата Мејн за да го истражат овој случај. Ќе продолжиме да собираме информации за да можеме да го изведеме осомничениот пред лицето на правдата“, изјави комесар Мајк Сошук, оддел за јавна безбедност на Мејн.

„Во овој момент, постои значителен шок меѓу луѓето кои всушност беа сведоци. Очигледно. Има страв, паника. Се разбира, сите се загрижени“, изјави Џејсон Џ. Левеск, градоначалник на Обурн.

Нападот во Мејн, е 36-то масовно убиство во Соединетите Американски Држави оваа година. Од јануари, САД е сведок на втор најголем број масовни убиства и најголем број жртви во една година. Само во 2019-та година имаше повеќе масовни убиства.

Наташа Јанчиќ-Менковски