ИЗРАЕЛ

Израелската армија подготвува копнена инвазија во Газа

26.10.2023 12:34

Израелскиот премиер Нетанјаху потврди дека се подготвува копнена инвазија врз Газа. Во текот на ноќта извршени операции во северниот дел на енклавата. Жителите на Појасот се под постојани напади без струја, храна, вода, гориво. Во Советот за безбедност на ООН не поминаа две резолуции за решавање на хуманитарната криза во Газа...

Израелските копнени сили во текот на ноќта извршија операција во северниот дел на Газа, напаѓајќи цели на Хамас, соопшти војската. Жителите на појасот се под постојан артилериски оган, без струја, храна, вода, гориво. Со нападите, расте бројот на жртви. Болниците се на раб на катастрофа.

„Во Газа, силите под команда на бригадата Гивати и трупите на 162. Дивизија, поддржани од тенкови, почнаа со ограничен упад во северниот дел. Силите убија терористи и ја уништија инфраструктурата на Хамас во Појасот. Упадот е дел од нашите подготовки за следните фази од војната“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

Израелските сили беа под оган од група Палестинци за време на напад на окупираниот Западен Брег. Израелскиот премиер Нетанјаху потврди дека се подготвува копнена инвазија врз Газа. Одлуката за влез во палестинската енклава, која е под контрола на Хамас, ќе ја донесе специјалниот воен кабинет на владата.

„Она што стои пред нашите очи е само едно – спасување на земјата, постигнување победа. Веќе елиминиравме илјадници терористи. Ова е само почеток. Во исто време, се подготвуваме за копнена операција. Нема да прецизирам кога, како, колку“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Претставничкиот дом на Конгресот на САД, кој синоќа доби нов претседател, републиканецот Мајк Џонсон, веднаш усвои резолуција за поддршка на Израел. Американскиот претседател Бајден повика на обновена посветеност кон евентуалното создавање на палестинска држава откако ќе заврши конфликтот меѓу Израел и Хамас.

„Израелците и Палестинците подеднакво заслужуваат да живеат рамо до рамо во безбедност, достоинство и мир. Тоа значи дека кога оваа криза ќе заврши, мора да има визија за она што следува. И според наше мислење, тоа треба да биде решение со две држави“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

И додека рускиот претседател Путин предупредува дека израелскиот конфликт со Хамас може да се прошири многу подалеку од Блискиот Исток, во Советот за безбедност на ООН не поминаа две резолуции за решавање на хуманитарната криза во Газа. На резолуцијата од САД, Русија и Кина ставија вето. На ново гласање, Вашингтон и Лондон ставија вето на резолуцијата од Москва.

 

Маријана Димовска