ИЗРАЕЛ - ХАМАС

Жителите на Газа под постојан артилериски оган, расте бројот на жртви

26.10.2023 14:53

Израелските копнени сили сили извршија операција во северниот дел на Газа. Нападнати се позиции на Хамас.Нетанјаху потврди дека се подготвува копнена инвазија врз Газа. Жителите на енклавата се под постојан артилериски оган. Решението за две држави мора да следи по војната меѓу Израел и Хамас во Газа, вели Бајден. Од Палестинската управа со ист став...

Израел ја најави следната фаза во војната со Хамас. Копнените сили извршија операција во северниот дел на Газа. Нападнати се позиции на милитантната група, уништена е инфраструктура. Премиерот Нетанјаху потврди дека се подготвува копнена инвазија, а кога и како, ќе реши специјалниот воен кабинет.

„Покрај фазите во одбраната и нападот, ние го промовираме продолжувањето на кампањата и подготвеноста да го засилиме ударот против Хамас на сите фронтови“, изјави Бени Ганц, министер во воениот кабинет на Израел.

Жителите на енклавата се под постојан артилериски оган, без струја, храна, вода, гориво. Со нападите, расте бројот на жртви. Болниците се на раб на катастрофа. СЗО објави список на подготвени медицински средства кои чекаат да минат преку преминот Рафах.

„Со моите шест деца го чекаме редот околу пет часа за да си го земеме делот од лебот. Дозволената порција за секој човек не е доволна ниту за појадок за мало семејство“, вели Валид Абу Ал-Џеибин, жител на Газа.

„Бегавме од домовите и ништо не зедовме со себе. Сега чекам во оваа линија“, вели Шифа Табш, жителка на Газа.

Решението за две држави на Блискиот Исток мора да следи по војната меѓу Израел и Хамас во Газа, вели претседателот Бајден. Од Палестинската управа со ист став.

„Повеќе од кога било, решението за двете држави е порелевантно и повозможно. Секоја криза мора да ја претвориме во можност“, порача Ријад Ал-Малики, министер за надворешни работи на Палестинската управа.

„Израелците и Палестинците подеднакво заслужуваат да живеат рамо до рамо во безбедност, достоинство и мир. Тоа значи дека кога оваа криза ќе заврши, мора да имаме визија за она што следува. И според наше мислење, тоа треба да биде решение со две држави“, изјави американскиот претседател, Џо Бајден.

И, додека рускиот претседател Путин предупредува дека израелскиот конфликт со Хамас може да се прошири многу подалеку од Блискиот Исток, во Советот за безбедност на ООН не поминаа две резолуции за решавање на хуманитарната криза во Газа. На резолуцијата од САД, Русија и Кина ставија вето. На ново гласање, Вашингтон и Лондон ставија вето на резолуцијата од Москва.

 

Маријана Димовска