Организација на потрошувачи

Без соодветни субвенции, граѓаните не можат да купат квалитетни енергетско-ефикасни клима уреди

26.10.2023 14:56

Грејната сезона започна, поголем дел од граѓаните ќе ги затоплуваат своите домови на електрична енергија. Велат, поисплатливо е и полесно. Заради инфлацијата и скапото време во кое живееме, најчесто се купуваат поевтини клима уреди со помал квалитет. Од Организацијата на потрошувачи велат, потребни се соодветни субвенции за ваквите уреди, заради заштеда на семејниот буџет и зачувување на животната средина…

Зимата е на прагот, граѓаните веќе одлучиле како ќе ги затоплуваат своите домови. Најголем дел од нив ќе се греат на струја. Велат, почисто и поисплатливо е, со користење на субвенциите можеме да си дозволиме и поскапи клима уреди.

Заради инфлацијата и скапото време во кое живееме, наместо поскапи и енергетски поефикасни уреди, граѓаните најчесто се одлучуваат да купат поевтини кои подоцна преку потрошената електрична енергија, ќе ги платат повеќекратно.

Од Организацијата на потрошувачи велат, купувачите се соочуваат со големи проблеми при купување на енергетско-ефикасни апарати. Заради нивната цена, потребни се соодветни субвенции заради заштеда на семејниот буџет и намалување на емисијата на штетни гасови.

Претседателката Маријана Лончар-Велкова, вели советите на потрошувачите и советите на општините повеќе да се заангажираат и да ги подобрат условите за добивање на субвенции за вакви уреди.

Најголем дел од поплаките кои ги добива потрошувачката организација, се во делот на сервисирањето, кое трае долго време, затоа апелира до потрошувачите да внимаваат на квалитетот на производите. Со купување на евтини и неквалитетни уреди, се зголемува потрошувачката како и отпадот кој го создаваме.

Александра Максимовска