Инцидент

Напаѓачот го чекал Штекли во обложувалница, граѓаните вознемирени по вчерашниот инцидент

26.10.2023 17:19

Полицијата трага по човекот што пукаше во Ист Гејт Мол. Се проверува дали имал помагачи. Ранетите се опоравуваат. Психолози за МТВ прават профил на личноста која на јавно место посегна по оружје...

Безбедносните камери од трговскиот центар Ист Гејт откриваат нови детали за инцидентот во кој вооружен маж, среде бел ден пукаше во двајца посетители. На фотографии објавени на социјалните мрежи се гледа како лицето што се обиде да го убие Раде Трајковски Штекли, жртвата ја чека во спортска обложувалница лоцирана во подземјето на молот.

Дали напаѓачот бил сам или некој му ја дојавил локацијата на жртвите и со тоа му помогнал, на ова прашање треба да одговори истрагата. Првичната сознанија покажуваат дека станува збор за пресметка на криминални групи.

Психологот Марија Стефанова оценува дека луѓето кои посегнуваат по оружје на јавно место, имаат заеднички карактеристики и психопатски црти на личноста.

По инциденти како овој во скопскиот мол, според Стефанова очекувано е граѓаните да чувствуваат непријатност и вознемиреност. Ваквата реакција, според неа се должи на ниската доверба во безбедносниот систем.

Во пукотницата беа повредени две лица. Добиле повеќе огнострелни рани по што им беа направени хируршки интервенции. Остануваат на лекување под медицински надзор.

 

Анита Димитријевска – Велковска