Министерски форум ЕУ – Западен Балкан

Борбата против тероризмот е приоритет, најефективен одговор е соработката

26.10.2023 22:00

Дводневен министерски форум ЕУ – Западен Балкан за правда и внатрешни работи во Скопје. Главни теми – заканите од кризите на Блискиот Исток и во Украина, борбата со криминалот и корупцијата, миграцијата. Испратена порака дека ЕУ ќе продолжи да ги поддржува партнерите од Западен Балкан...

Борбата против тероризмот е врвен приоритет, а најефективен одговор е соработката – порака од министерскиот форум „ЕУ Западен Балкан“ во Скопје. Според министерот за внатрешни на Кралството Шпанија, потребен е акциски план против тероризмот со оглед на состојбите на Блискиот Исток и руската агресија врз Украина. Европската унија ќе продолжи да го поддржува Западен Балкан на патот кон ЕУ, но фундамент се владеењето на правото и борбата против корупција, посочи еврокомесарката за внатрешни работи Јохансон.

Креирањето на заеднички политики е предуслов за заедничко функционирање во рамки на ЕУ. Вратата е отворена, а ние решително чекориме напред, порача министерот за внатрешни Спасовски кој беше домаќин на министерскиот форум. На годишнината од потпишувањето на договорот со Фронтекс ги презентираше придобивките. Лани биле спречени 11.000 нелегални обиди за влез во земјава.

Покрај тероризмот во фокусот на дискусиите на форумот – спречување на криумчарењето на дрога и мигранти, справување со криминалот и криминалните групи.

 

 

Викторија Милевска