Американски авиони Ф-16 нападнаа две локации во Сирија
Американски авиони Ф-16 нападнаа цели на две локации во Сирија. Погодени се магацини за оружје и муниција што ги користат иранските сили. Израел со тенкови и пешадија по вторпат влегуваат во Појасот Газа. Во енклавата хуманитарна катастрофа, жителите и натаму без струја, вода и храна…

Американски авиони Ф-16 извршиле прецизен напад во близина до Сирија. Нападнати се магацини за муниција и објекти за логистика поврзани со иранската револуционерна гарда. Во меѓувреме, Израел се подготвува за големата копнена офанзива. Тенкови и пешадија втора ноќ по ред влегуваат во Појасот Газа. Извршени се и воздушни напади врз цели на Хамас. Убиен е заменик-шефот на разузнавањето на Хамас, Шади Баруд, кој според Тел Авив го испланирал нападот на 7-ми октомври.
„Покрај фазите во одбраната и нападот, ние го промовираме продолжувањето на кампањата и подготвеноста да го засилиме ударот против Хамас на сите фронтови“, изјави Бени Ганц - министер во воениот кабинет на Израел.
Повредени цивили ги полнат болниците. Нема храна, нема струја, нема вода, лекови, ниту гориво.
„Доколку конфликтот продолжи, општинските услуги ќе престанат во наредните денови, што ќе биде катастрофално за локалната здравствена средина“, изјави Омар Матар - директор на оддел за здравје и животна средина, општина Кан Јунис.
Во опколениот појас веќе се појавија првите симптоми на заразни болести.
„Жителите овде веќе покажаа симптоми како дијареја и повраќање. Остануваме во засолништето, но залихите целосно не се распоредуваат. Храната е лоша, а најблискиот употреблив тоалет е на километар“, изјави Махмуд Канан - жител на Газа.
Тешкотиите во крајбрежната енклава не застануваат тука. Редици и на бензиските пумпи. Со часови се чека за литар гориво кое го нема.
„На оваа пумпа чекам веќе четири дена да наполнам гориво. Доаѓам во 6 изутрина и заминувам во 12, а сè уште не добив ниту еден литар бензин“, изјави друг жител.
Во Советот за безбедност на ООН не поминаа две резолуции за решавање на хуманитарната криза во Газа. На резолуцијата од САД, Русија и Кина ставија вето. А на ново гласање, Вашингтон и Лондон ја блокираа резолуцијата од Москва.
Бојана Крстевски
