Инфраструктурната обнова на САД, отвори нови работни места
Последниве три години во Соединетите Американски држави започна вистински подем во обновата на инфраструктурата. Отворени се милиони работни места поради инвестициите во реконструкцијата на патиштата и мостовите во Америка. Ова е еден од главните приоритети на администрацијата на американскиот претседател Барак Обама за 2014-та година...

Реконструкција на запустените автопати и мостови што не се обновени од 70-сетите години на минатиот век е приоритет на администрацијата во Белата куќа. Градежните работи отворија можности за вработување и развој на економијата. Реконструкцијата на инфраструктурата може да биде ставена под знак прашалник доколку до следниот септември Конгресот не изгласа продолжување на буџетот за обнова американските патишта и мостови.
„Инвестициите во првокласна инструктура привлекува првокласни транспортни работни места. Ова е многу важно годинава. Сопствениците на бизниси не сакаат оштетени патишта и мостови што го забавуваат снабдувањето со материјали на нивните компании, тие сакаат да видат најнов и најбрз транспортен начин во Америка“, изјави претседателот на САД, Барак Обама.
Во изминативе години по економската криза во Америка се отворени 9,2 милиони нови работни места. Американските компании се стимулираат да ги пренесат своите бизниси од странство дома и се охрабруваат странските инвестиции. Белгиска компанија веќе инвестираше во американската држава Оклахома, а канадска во Канзас. Во Њујорк е отворена првата безцаринска зона во Америка што нуди на компаниите што инвестираат ослободување од данок за 10 години. Белата куќа го подддржува и туризмот како стопанска гранка која отвора работни места за локалното население во околината на американските национални споменици и атракции.
Американскиот Претседател Барак Обама истакна дека со или без помош од Конгресот ќе продолжи со инвестициите во инфраструктурата во САД.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
