Израелско-Палестински конфликт

Хуманитарната криза во Газа се влошува

27.10.2023 16:21

Израел со нов копнен напад врз Газа. Хамас држи стотици заложници. Хуманитарната криза се влошува. Се појавија првите симптоми на заразни болести...

И покрај стотиците убиени и киднапирани цивили во нападите на 7-ми октомври, портпаролот на Хамас, Гази Хамад, во интервју за ББС тврди дека нападите биле дел од воена операција, а единствена цел биле војници.

„Немам детали што се случило внатре. Но немавме намера или одлука да убиваме цивили“, рече Гази Хамад, портпарол на Хамас.

Одби да одговори на прашањето – како го оправдува убивањето луѓе додека спијат.

„Сакам да го прекинам интервјуто“, рече Гази Хамад, портпарол на Хамас.

Хамас сè уште држат стотици заложници. Речиси 50 се веќе убиени од почетокот на израелските бомбардирања, според военото крило на Хамас. Иран тврди дека Хамас е подготвен да ги ослободи цивилните заложници во замена за ослободување 6.000 Палестинци од израелските затвори. Повика САД и европските земји да работат на мир и безбедност.

„САД и неколку европски земји го следат и поддржуваат убиството на речиси 7.000 цивили за помалку од три недели од израелскиот режим во Газа. Тие му помагаат на овој режим воено и финансиски. Не го поздравуваме проширувањето на војната во регионот. Ако продолжи геноцидот во Газа, нема да бидат поштедени“, изјави Хосеин Амирабдолахиан, министер за надворешни работи на Иран.

На терен втора ноќ – израелски тенкови и пешадија влегуваат во Појасот Газа. Извршени се и воздушни напади врз цели на Хамас.

„Вооружените сили придружувани од авиони извршија напад во центарот на Појасот Газа, како дел од подготовките за следните фази од војната“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелските одбранбени сили.

Газа го возврати ударот. Погодена станбена зграда во Тел Авив. Повредени цивили ги полнат болниците. Хуманитарната криза се влошува. Во опколениот појас веќе се појавија првите симптоми на заразни болести.

„Жителите овде веќе покажаа симптоми како дијареја и повраќање. Остануваме во засолништето, но залихите целосно не се распоредуваат. Храната е лоша, а најблискиот употреблив тоалет е на километар“, рече Махмуд Канан, жител на Газа.

Првиот од трите авиони со хуманитарна помош е веќе пристигнат во Египет-соопштуваат од Брисел. Апелираат за прекин на огнот за да се достави помошта.

„Мора да ги засилиме напорите за справување со кризата. Помошта мора да пристигне во Газа, без пречки и брзо“, изјави Урсула Фон дер Лајен, претседателка на Европска комисија.

Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации го обвини Израел дека извршил воени злосторства со колективно казнување на Газа.

 

 

Бојана Крстевски