Респираторните вируси ги полнат амбулантите
Со грејната сезона почна и загадувањето на воздухот, а со тоа и респираторните вируси. Амбулантите се полнат со пациенти...

Оџаците зачадија – грејната сезона почна, мерните станици за квалитетот на воздухот веќе менуваат боја. Загадувањето, ниските утрински и високи дневни температури влијаат во ширењето на респираторните вируси, амбулантите се полнат со пациенти.
Октомвриското променливо време го зголеми бројот на настинки и вирусни инфекции, а со тоа и бројот на пациенти кои бараат лекарска помош. Најмногу страдаат децата и хронично болните.
Зголемена температура, болки во грлото, течење на носот, кашлица, се најчестите симптоми од кои се жалат пациентите.
„Мислам дека нема некој што нема проблем овој период. Така да тоа е настинки, температура, болки во грло“.
„Болат нозе, глава, притисокот, променливото време мене многу ми пречи“.
„Гледајќи дека и младите се жалат има нешто. Голема е разликата меѓу ноќните и дневните температури“.
„Еве одам на имунизација, на боцкање“.
Доколку продолжи променливото време, дополнително ќе се зголеми метежот во амбулантите и во болниците.
„Тие симптоми знаат да траат од три до пет дена, се препорачува внесување на аналгетици, антипиретици, внесување на поголемо количество на течности, витамини, посебно витамин Ц. И нормално, доколку овие симптоми траат подолго од овој период потребна е консултација со матичен лекар“, изјави д-р Оливер Алексовски, поликлиника „Букурешт“.
Во овој период респираторните инфекции создаваат проблеми, а според анализите на Институтот за јавно здравје, грипот сè уште не е доминантен.
Андријана Ѓурческа
