Дебата за владеење на правото и реформите во правосудниот систем
Втор ден од Министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи. Втората сесија која беше посветена на правда, се дебатираше на теми – владеење на правото и судски реформи, како и за заедничките активности за војната во Украина...

Владеењето на правото е заеднички приоритет на земјите членки на ЕУ, но и од клучно значење за процесот на пристапување на земјите од Западен Балкан и услов за напредок – ова е пораката од Министерскиот форум за правда, ЕУ-Западен Балкан. Еврокомесарот за правда Рејнерс изрази загриженост од измените на Кривичниот законик. Вели недостигале дебата и консултации.
Министерот Лога посочи дека фокусот во наредниот период, ќе биде ставен на донесување на новата развојна стратегија за правосудниот систем, а се продолжува и со унапредување на антикорупциската правна рамка по ЕУ-стандарди. Неговата колешка од Шпанија порача – правдата дозволува цврсти економски врски.
„Нашето претседателство се заложува за подобрување на ефикасноста и квалитетот на правниот систем, осигурувајќи го пристапот до јавниот сектор особено за најранливите лица“, рече Мариа Пилар Лоп Куенка, министер за правда, Шпанија.
„Со колегите разговаравме за важноста на регионалните проекти кои придонесуваат во зголемување на довербата на граѓаните во правосудниот систем, преку решавање на прашањата од клучни области како што е борбата против организираниот криминал и корупцијата“, рече Кренар Лога, министер за правда.
На дводневниот форум, министрите за внатрешни работи и за правда разговараа и за напредокот во заедничките активности за руско-украинската војна.
Наташа Гркова-Петрушевска
