Грковска на средба со студенти од ФОН
Во рамки на кампањата „Зависи од мене и тебе“, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска одржа средба со студенти во Американскиот универзитет на Европа – ФОН...

Во рамки на кампањата „Зависи од мене и тебе“, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска одржа средба со студенти во Американскиот универзитет на Европа – ФОН.
Заблагодарувајќи се за покажаниот интерес на студентите и наставниот кадар од овој универзитет да се вклучи во активностите насочени кон зголемување на свеста за важноста на етиката, интегритетот и одговорноста, вицепремиерката Грковска истакна дека тоа се клучни принципи за градење подобро општество за сите.
Во отворената дискусија беше истакната потребата младите да се мотивираат за поголема политичка партиципација на секое ниво и да се зголеми просторот за граѓанска и политичка едукација, имајќи предвид дека недоволно е изградена свеста за значењето на општествената одговорност и демократските институции и вредности.
Во таа насока, се дискутираше и за важноста на унапредувањето на состојбите во образовниот систем, како еден од главните столбови на општеството. На средбата се разговараше и за напорите за јакнење на транспарентноста, како принцип на доброто владеење кој води кон поголема отчетност и одговорност на институциите и носителите на функции.
