Македонија

11% повеќе антибиотици се пиеле лани од 2021 година

27.10.2023 19:53

Почна есента, протече носот, гребе грлото, кашлицата напаѓа. И, како по правило – дел од лекарите сакаат со полесна терапија, дел не сакаат да се прошири инфекцијата – земајте антибиотик. И така Македонија влегува во групата земји во кои се пијат трипати повеќе антибиотици од некои држави во Европската унија...

Полни се амбулантите во детската болница Козле. Висока температура, кашлица, течење на нос, најчеста симптоматологија, но доаѓаат деца и со опструкции на белите дробови. Главоболка на здравствените работници им создаваат децата кои веќе имаат користено антибиотик со потесен спектар, па со широк спектар. Доктор Мирјана Поповска вели, нам не ни останува ништо друго освен да го хоспитализираме и интравенски да му дадеме антибиотик. Според неа, тоа е страшно, прво мора да се следи детето амбулантски.

Дека има причина за загриженост покажуваат и податоците од ФЗОМ. Лани за 11 проценти повеќе се пиеле антибиотици во споредба со 2021 и 2020. На сметка на Фондот се издадени 1,7 милиони пакувања на антибиотици. 23% од антибиотската терапија отпаѓа на деца. Освен антибиотици купени на сметка на Фондот, граѓаните можат да си купат и приватно во аптека, па според проценките околу 45.000 – 50.000 лица дневно во државава користат антибиотик.

Според Европскиот центар за превенција и контрола на заразни болести, 2021 и во Европа се пиеле многу антибиотици. Во Словенија, Холандија и Австрија граѓаните пијат трипати помалку антибиотици од граѓаните во Македонија.

 

 

Наташа Јанчиќ-Менковски