Охрид

Започнува кампањата „Имунизацијата од врата до врата“

28.10.2023 09:35

Во понеделник започнува кампањата „Имунизација од врата до врата“. Кампањата ја спроведува Министерството за здравство во соработка со канцеларијата на Светската здравствена организација, а со неа ќе бидат опфатени ранливите групи граѓани, хронично болните и деца кои не се вакцинирани, со што ќе се зголеми опфатот на имунизирани лица во земјава…

Во годинашната кампања „Имунизација од врата до врата“ се вклучени 13 македонски градови меѓу кои е и Охрид, чиј Здравствен дом ќе ги покрие општина Дебрца и околните села.

Целта на кампањата е да се подигне свеста на граѓаните за вакцинирањето и кои се придобивките од тоа. Со давањето услуга на самото место, се очекува да се подобри пристапот до услугите за имунизација и да се зголеми опфатот на имунизација кај населението.

„Ќе ги посетуваме ранливите групи, хронично болните за вакцинација за сезонски грип, а исто така ќе бидат посетени семејства со оние деца коишто задоцниле со рутинската имунизација“, изјави д-р Соња Мариноска, раководител на служба за превентива, Здравствен дом Охрид.

Во текот на имунизацијата акцентот ќе биде ставен на МРП и ХПВ вакцините.

„Вакцината за МРП, родителите доцнат со оваа вакцина и тука сакаме да поразговараме со родителите да се разбијат оние сфаќања коишто се за вакцината дека треба покасно да се прима, додека заодат или додека зазборуваат. Значи имаме задача и на тој план да разговараме“, додава д-р Мариноска.

Имунизацијата „Од врата до врата“ интензивно ќе се одвива до 30-ти ноември.

Сашо Нелоски