Засилени воздушни и копнени напади, Газа отсечена од светот
Во Обединетите нации изгласана резолуција за итен прекин на огнот, во појасот Газа проширена копнена операција на израелските одбранбени сили и интензивни воздушни напади. Во енклавата отсечена од светот, прекинати телефонските линии, нема ниту интернет…

Жестоки гранатирања врз палестинската енклава. Израелски воени возила и стотици војници на границата со Газа. Тел Авив ја засили воената операција. Оневозможени сите комуникациски услуги во појасот каде што се случија најинтензивните бомбардирања досега. Погодени 150 подземни цели. Засили и копнената операција, пред најавуваната офанзива. Убиен е и висок командант на Хамас, Асем Абу Ракаба, кој според Израел, директно бил одговорен за нападите на 7-ми октомври.
„Нема безбедни места, без разлика дали се џамии, цркви или болници. Каде и да одите или да погледнете, ќе најдете урнатини. Ова беше најстрашна ноќ досега“, вели Фоад Ајад, жител на Газа.
„Ова се воени злосторства во секоја смисла на зборот“, додава Џамал Хуваил, жител.
Сирени за опасност се огласија и во јужниот израелски град Ашкелон. Хамас возврати по проширувањето на активностите на израелските копнени сили. Израелската одбрана тврди дека седиштето на Хамас е во подрумите на најголемата болница „Шифа“ во Газа и нападите врз Израел ги координира токму оттаму.
Хуманитарната криза се влошува. 2,3 милиони луѓе кои повеќе од три недели се потонати во темнина, сега останаа и без контакт со надворешниот свет. Помошта тешко пристига.
„Се претворивме во питачи. Трчаме по камионот за вода да можеме да пиеме. Ова не е живот!“, вели Рахим Дахер, жител.
Бремена жена се породи откако беше извадена од под урнатините.
„За жал, таа не преживеа. Детето е живо, и е извршена неонатална реанимација. Нејзината состојба е просечна до добра“, изјави д-р Ахмед Ал-Фара, раководител на одделот за педијатрија.
И покрај повиците за прекин на огнот, примирје не е на повидок.
Бојана Крстевски
