Наплив на болни деца во кумановската болница
Наплив на болни деца регистрира кумановската болница. Станува збор за класична вироза. Влошената клиничка слика најчесто е кај дечињата од предучилишна возраст. Некои од нив се и на кислородна поддршка. Педијатрите апелираат родителите да реагираат веднаш откако ќе забележат симптоми...

Зголемен број на болни и хоспитализирани деца бележи детскиот оддел во кумановската болница. Надлежните информираат дека со падот на температурите се јави наплив на заболени деца, особено од предучилишна возраст. Дневната амбуланта ја посетуваат до 20-ина дечиња, а речиси ист е и бројот на хоспитализирани. Помош на дневно ниво бараат до 60 деца од североистокот. Кај помалите поради слабиот имунитет велат лекарите, клиничката слика е влошена.
„Претежно симптомите коишто преовладуваат се зголемена кашлица, носна секреција, покачена телесна температура. Првите два три дена пониска но може да се искомплицира особено кај тие од предучилишна возраст кои се помали и со послаб имунитет. Тешки се сега и состојбите со децата со опструкции може да дојде до брзо влошување на клиничката состојба што треба и дополнително построга терапија, кислородна поддршка, зависи од имунитетот на детето“, истакна д-р Ферихан Бајрами, началник детски оддел Општа болница Куманово.
Анализите велат здравствени работници посочуваат дека се работи за вироза.
„Изолирана особено инфлуенца А и Б, инцидентно имаме и од микробиолошките анализи стрептокока најчесто во градинките тоа се изолирани, анализите претежно се со нормални вредности“, дополнува докторката.
Педијатрите советуваат болните деца да се изолираат, да консумираат здрава храна.
Апелот до родителите од здравствени лица е навремено да интервенираат, веднаш штом ќе забележат симптоми да се јават кај матичните лекари, за да се спречи евентуално влошување на здравствената состојба.
Елена Георгиевска
