Преку ИПА програмите досега инвестирани 40 милиони евра во прекуграничните реони на Македонија и Бугарија
Во Струмица деновиве се одбележа Европската соработка меѓу Македонија и Бугарија, при што беше потенцирано дека дури 40 милиони евра досега се искористени од ИПА програмите на ЕУ за прекугранична соработка. Во меѓувреме распишана е и ИПА 3 програмата која нуди 31 милион евра за партнерските организации од двете страни на границата…

Близу 40 милиони евра се инвестирани во прекуграничните региони на Македонија и Бугарија изминатите години од ИПА програмите кои ги финансира ЕУ. Финансирани се 178 проекти кои значат развој и унапредување на животот во прекуграничните региони со градење на мостови на соработка меѓу сите чинители од македонска и бугарска страна.
„Задоволството е тоа што сите 178 проекти беа успешно реализирани, а поголемо е задоволството што организациите кои ги имплементираа овие проекти, но и луѓето вклучени во нив, станаа пријатели кои и до ден денес се поддржуваат и имаат одлична соработка. Мислам дека оваа е одличен пример како заедно можеме да ги решаваме предизвиците и сè што е пред нас“, изјави Николај Дичев, секретаријат за ИПА Фондови Бугарија.
Општините и граѓанскиот сектор имаат на располагање нови 31 милион евра од ИПА 3 програмата до 2027-ма година. Државниот секретар при Министерството за локална самоуправа Кирил Парталов откри дека со оваа програма ќе се отвори нов граничен премин со соседна Бугарија.
Дичев и Парталов беа на заедничкото одбележување на Европската соработка меѓу Македонија и Бугарија во Општина Струмица која од овие програми има реализирано седум проекти во висина од три милиони евра.
Ване Трајков
