Македонија

Спасовски: Интензивно се работи на откривање на напаѓачот во „Ист гејт мол“, рано е да се споделуваат информации

28.10.2023 12:20

Полицијата интензивно работи на откривање на напаѓачот кој застрела двајца во трговскиот центар „Ист Гејт Мол“, уверува во интервју за агенцијата МИА, министерот за внатрешни работи. Спасовски вели дека се прават распити и се обезбедуваат докази за пресметката на криминалните банди, но според него, рано е да се споделуваат информации со јавноста…

Се вршат разговори, се обезбедуваат докази – интензивно се работи на откривање на напаѓачот во „Ист гејт мол“, рано е да се споделуваат информации – вели министерот Спасовски за пукањето во трговскиот центар кога беа застрелани Раде Трајковски – Штекли и неговиот пријател. Според МВР, тоа е пресметка на криминални структури кои се создавале повеќе од три децении и никој не преземал одговорност. Ова раководство е решено да расчисти до крај со нив – дециден е Спасовски.

„Да треба многу средства, многу напори, многу енергија, тоа да се случи, меѓутоа мора да се завршат работите коишто ќе придонесат таквите криминални структури да бидат зад решетки, да бидат изведени пред лицето на правдата. Недозволиво е во изминатите 30 години да имате структури коишто ги поддржуваат одредени бизнисмени, групи итн. Притоа барајќи оправдание зошто практично ги поддржуваат дури и финансиски“, изјави министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, во интервју за МИА.

Сега главната улога во истрагата ја има Одделот за форензички испитувања. Од безбедносните камери во трговскиот, јавно е објавена фотографија од вооружениот маж, Спасовски вели дека тоа е нормална постапка во криминалистички истраги, а не како што во јавноста се зборува дека МВР очекува граѓаните да го утврдат идентитетот на извршителот.

„Тоа се нормални криминалистички постапки коишто се преземаат сè со цел да се стигне до извршителот, и најважно е да се откријат мотивите, иако знаеме дека тоа се пресметки на криминалните групи. Секако дека утврдивме многу работи, се разговара со многу лица, се прибираат многу податоци, информации, докази. Меѓутоа, тоа сè уште е рано да може да се споделува заради тоа што ќе наштети на истрагата“, изјави министерот Спасовски.

Во пукотницата Штекли и неговиот пријател добија повеќе прострелни рани, сè уште се под медицински надзор.

И по четири дена од пукањето во „Ист гејт мол“ полицијата сè уште трага по напаѓачот. Дали извршителот бил сам или некој му дојавил за локацијата на жртвите, треба да одговори истрагата. Ова не е првпат да се пука во трговскиот центар. Ниту првиот напад на Штекли во август не беше расчистен до крај.

Идниот месец се очекува да биде инсталиран систем за пребарување фингер-принт и за препознавање на ликот, постапка којашто првпат се воведува во криминалистичкото работење во МВР, вели Спасовски за МИА.

Андријана Ѓурческа