Култура

Необележани и неистражени археолошките наоѓалишта во струшко

28.10.2023 12:50

Вредните локалитети ги има на археолошката карта, но не се истражуваат, ниту презентираат пред јавноста. Изминативе години во струшко, единствено се вршеа археолошки истражувања на подводниот локалитет Врбник…

Археолошките наоѓалишта во струшко неистражени и необележани. Дупен Камен е еден од археолошките локалитети во градот Струга, некропола од хеленистичкото време, откриена во 1955-та, до денес е неистражена. Локалитетот е впишан во археолошката карта, но нема никакви податоци.

Вредно наоѓалиште е и Устието на Дрим, каде има остатоци од неолитот, но нема заштита, истражување, ниту промоција.

„Во Струга го имаме најпознатиот археолошки локалитет Устието на Дрим, откриен при градежни активности исто како што е откриен и локалитетот Дупен Камен. За жал, не се направени посериозни систематски археолошки истражувања. Она што е најдено е изложено во музеј, впишано е во археолошка карта“, вели Сашо Кироски, археолог.

Изминативе години во струшко, единствено се вршеа археолошки истражувања на подводниот локалитет Врбник, но има уште 12 подводни локалитети кои чекаат истражување и презентација.

„Во охридско-струшкиот регион евидентирани се 12 подводни локалитети дел од нив се на крајбрежјето на Охридското Езеро, дел од нив како што е Заливот на коските се добро познати на научната и пошироката јавност, а останатите останува да бидат презентирани и истражени во следните години“, вели Валентина Тодороска, подводен археолог.

Во недостиг на финансиски средства, експертите преку вмрежување и проекти со странски универзитети, институти и волонтери се обидуваат да ја сочуваат и презентираат богатата археолошка историја пред јавноста.

Соња Рилковска