Израел ја засили офанзивата, напади и од копно
Газа на раб на амбисот. По бомбардирањата и воздушната кампања, Израел ги прошири и копнените операции со војници и тенкови на северот на енклавата, како најава за тотална офанзива. Газа е отсечена од светот. Нема храна, вода, лекови, комуникациски врски…

Пешадија, оклопни возила, масивни напади од воздух и море. Тел Авив и официјално ја објави новата копнена офанзива во Газа. Се вооружуваат доброволци додека израелските тенкови и војска се трупаат на границата.
„Тие не се луѓе, тие се чудовишта. Треба да ја земеме Газа. Нам ни припаѓа, а потоа да ја пренесеме на палестинските власти“, изјави израелски волонтер.
Оневозможени се сите комуникациски услуги во појасот каде што се случија најинтензивните бомбардирања досега. Погодени 150 подземни цели. Убиен е и висок командант на Хамас-Асем Абу Ракаба, кој според Израел, директно бил одговорен за нападите на 7-ми октомври.
„Напредуваме во етапите на војната во Газа. Синоќа нашите сили влегоа во областа на северниот дел на појасот и ја проширија активноста на теренот. Учествуваат пешадиски, инженерски, артилериски сили, придружени со масивен оган“, рече Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.
Хамас возвраќа на ударот. Илјадници ракети истрелани од палестинска територија. Огласени сирени во јужниот град Ашкелон. Израел тврди – седиштето на Хамас е во подрумите на најголемата болница „Шифа“, нападите врз Израел ги координира оттаму. И покрај повиците за прекин на огнот, примирје не е на повидок. Преговорите за заложниците од 7-ми октомври меѓу Израел и Хамас, со посредство на Катар-прекинати по последните случувања. Хуманитарната криза се влошува. Неизвесна судбината на 2,3 милиони луѓе.
„Нема безбедни места, без разлика дали се џамии, цркви или болници. Каде и да одите или да погледнете, ќе најдете урнатини. Ова беше најстрашна ноќ досега“, изјави Фоад Ајад, жител на Газа.
„Ова се воени злосторства во секоја смисла на зборот“, рече Џамал Хуваил, жител.
„Се претворивме во питачи. Трчаме по камионот за вода да можеме да пиеме. Ова не е живот“, вели Рахим Дахер, жител.
Од под урнатините извлечена бремена жена.
„За жал, таа не преживеа. Детето е живо, и е извршена неонатална реанимација. Нејзината состојба е просечна до добра“, изјави д-р Ахмед Ал-Фара, раководител на одделот за педијатрија.
Во израелските напади досега загинаа над 7.300 луѓе, повеќе од 60 насто се деца и жени. Блокадата на Газа значеше намалување на резервите, а ОН предупредија дека нивната операција за помош која им помага на стотици илјади луѓе „се распаѓа“ поради речиси исцрпено гориво.
Бојана Крстевски
