Евроинтеграции

Фон дер Лајен од утре во Скопје

28.10.2023 13:42

Претседателката на Европската комисијата, Урсула Фон дер Лајен викендов ја почнува четиридневната посета на Западен Балкан. Таа утре пристигнува во Скопје и ќе има средба со претседателот Пендаровски. Следното утро, в понеделник, Фон дер Лајен ќе пристигне во Владата, каде што премиерот Ковачевски ќе ја пречека со највисоки државни почести…

Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, во недела ќе ја започне посетата на регионот, почнувајќи од Скопје. Ова ќе биде повод да се разговара за билатералната соработка, а особено подетално да им се претстави на регионалните лидери планот за раст на ЕУ за Западен Балкан.

Планот опфаќа отворање на делови од единствениот пазар на ЕУ, но за возврат се бараат коренити реформи пред членството во Унијата. ЕУ веќе мобилизираше 16 милијарди евра за инвестиции во регионот.

На средбите со претседателот Пендаровски во недела и со премиерот Ковачевски во понеделник, тема ќе бидат и евроинтеграциите, односно до каде е исполнувањето на условот од преговарачката рамка за уставните измени, без кои не може да продолжат преговорите со отворање поглавја.

Фон дер Лајен ќе информира дека Европската комисија ќе го објави најновиот извештај за напредокот на земјава на 8-ми ноември.

По прес-конференцијата на Фон дер Лајен и премиерот Ковачевски во понеделник во владата, тие ќе посетат фабрика за преработка на овошје и зеленчук во близина на Скопје, која доби значителна помош од ИПАРД програмата финансирана од ЕУ.

Од Скопје, Фон дер Лајен ќе отпатува за Приштина, а потоа ќе ги посети Подгорица, Белград и Сараево.

Ирина Гелевска