Масовниот убиец пронајден мртов
Заврши потрагата по масовниот убиец кој во американската сојузна држава Мејн, смртно застрела 18 луѓе, а рани 13. 40-годишен резервист, Роберт Корд е пронајден мртов. Самиот си пресудил. Тој е пронајден во објект за рециклирање отпад каде што работел. На себе ја носел истата облека од денот на нападот …

По 48 часа поминати во страв и неизвесност, жителите на градот Левистон во американската сојузна држава Мејн, можат да бидат поспокојни. Заврши интензивната потрага по осомничениот за масакрот во која беа вклучени над 350 полицајци. 40-годишниот напаѓач е пронајден мртов со прострелна рана која упатува на самоубиство. Телото на Роберт Корд е лоцирано во објект за рециклиран отпад, каде што претходно работел. На себе ја носел истата облека од денот кога го изврши грозоморниот чин.
„Како и многу луѓе вечер дишам полесно, знаејќи дека Роберт Корд повеќе не е закана за никого. Знам дека има многу луѓе што го делат истото чувство, но знам и дека неговата смрт за многумина не е утеха. Но, сега е време да се излечат раните. Потрагата заврши. Органите на прогонот продолжуваат целосно да ги истражуваат фактите“, изјави Џенет Милс, гувернерка на Мејн.
„Ќе тагуваме за семејствата кои ги загубија своите најблиски. Ќе продолжиме да работиме. Ќе истраеме и ќе станеме подобри луѓе, бидејќи работиме тимски. Научивме многу од некои грешки. Извлековме многу поуки“, изјави Дејвид Сент Пјер, началник на полицијата во Левистон.
Мирниот град Левистон во средата беше завиен во црно, откако поранешниот резервист по неколкучасовните пукотници низ градот усмрти 18 лица и рани 13-мина. 40-годишниот напаѓач со полуавтоматско оружје упадна во ресторан и една кугларница и неконтролирано стрелаше кон присутните.
„Откако ја дознав веста дека Артур е в болница, дознав и дека мојот посвоен син Џастин е ранет и се наоѓа на интензивна нега. Многу стресно и страшно“, изјави мајка и сопруга на ранети во масакрот.
„Таа е засега смирена, добро се справува. Но, за жал Тони виде дека нејзиниот тренер по куглање е застрелан, што е ужасно. Едноставно не можам да замислам низ што поминува“, рече дедо на преживеана во пукањето.
Истрага за масовното убиство е во тек, сè уште не се соопштуваат мотивите за нападот, но е познато дека осомничениот имал психички проблеми и извесен период бил хоспитализиран во психијатриска болница.
Маја Стојанова
