Жртви во Луганск, Украина и Русија си ја префрлаат одговорноста
Новоизбраниот украински претседател Порошенко вети дека ќе разговара за кризата со рускиот претседател Путин наредната недела во Франција...

Во нови борби во Луганск на истокот на Украина, во текот на ноќта загуби претрпе националната гарда, но има убиено и бунтовници. На седница на Советот за безбедност на ОН, амбасадорите на Украина и на Русија си ја префрлаа одговорноста.
„Вистина е дека власта не направи ништо 20 години. Регионот е сиромашен и нема работа, но сега е објавена државна политика и таа не смее да се поткопува“, вели Јури Сергејев, амбасадор на Украина во ОН.
„Токму за тоа требаше да зборувате. Артилериските напади и бомбардирањето нема да го решат проблемот со сиромаштијата“, изјави Виталиј Чуркин, амбасадор на Русија во ОН.
Новоизбраниот украински претседател Порошенко вети дека ќе разговара за кризата со рускиот претседател Путин наредната недела во Франција. Тој изјави дека сака да го потпише клучниот трговски договор со ЕУ брзо по инаугурацијата.
Путин, пак, во Астана ќе потпише договор со Казахстан и Белорусија за Евроазиски економски сојуз на 170 милиони жители, кој ќе стапи во сила на 1-ви Јануари.
