Мицкоски повика на почеток на преговори без условувања
Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен утре пристигнува во Скопје. Ќе има средба со претседателот Пендаровски. В понеделник, премиерот Ковачевски во Владата ќе ја пречека со највисоки државни почести. За СДСМ, посетата значи поддршка за европскиот пат. Од партијата велат, ако има критики, тие се добредојдени. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски повика, без условувања да ни се дозволи почеток на преговори…

Очекувања испреплетени со сарказам за посетата на претседателката Урсула Фон дер Лајен на земјава. И власта и опозицијата свесни се за критиките кои Унијата ги испраќа до нас, но и до земјите од регионот за бавните реформи, пропустите во владеењето на правото и употребата на европското знаме во закони кои немаат поврзаност со ЕУ регулативата.
Власта очекува позитивна потврда за сработеното и порака дека вратите на Унијата се широко отворени, а критиките, како што велат од Бихаќка се добредојдени за подобрување на работите.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски од посетата на шефицата на Европската комисија, како што вели, очекува да излезе со позиција дека земјава добива безусловен почеток на преговорите со Унијата и без дополнителни условувања. Тоа ќе биде, вели Мицкоски, признание за државата и граѓаните за сè она што е направено во изминатите 23 години.
Фон дер Лајен ќе ги посети државите од Западен Балкан. Во Скопје таа ќе има средби со претседателот Пендаровски и премиерот Ковачевски.
Миле Ристески
