Нетанјаху најави долга и тешка војна, меѓународната заедница повика на итен прекин на огнот
Израел почна интензивна копнена офанзива во појасот Газа против милитантите на Хамас. Пешадија и оклопни возила поддржани со масивни воздушни и поморски напади се дел од израелската воена операција. Премиерот Нетанјаху најави долга и тешка војна. Меѓународната заедница повика на итен прекин на огнот за спас на цивилите во Газа…

Телефонските линии и интернет-конекциите се враќаат во Газа. Експлозии и натаму се слушаат во појасот. Следува долга и тешка војна – изјави израелскиот премиер Нетанјаху.
„Во тек е копнена операција за разбивање на Хамас и враќање на заложниците. Тоа ќе биде долга и тешка војна. Ќе го елиминираме непријателот на земја и под земја. Ќе се бориме и ќе победиме. Го повикувам цивилното население да оди во безбедните подрачја“, нагласи израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Израел крена црвено знаме пред светот, предупредувајќи го и обвинувајќи дека Хамас ги користи болниците како жив штит.
„Болницата Ал-Шифа е одличен пример за тоа. Знаеја дека Израел нема да нападне болница. Ова е цинично и манипулативно, тоа е воено злосторство. Ние не само што го разоткривме овде, туку обезбедивме и доверливи материјали и нема да попуштиме по ова прашање“, рече Даниел Хагари, портпарол на одбраната на израелските сили.
Хамас ги отфрла обвинувањата. Тврдат дека Израел нема да постигне ништо со копнената офанзива и дека бара изговори за поголеми масакри.
„Болницата Ал-Шифа е болница за лекување, за медицински цели и не се користи за водачи на Хамас или воени лидери. Мислам дека ова е еден вид изговор за окупацијата со цел да се таргетира болницата и да се направат повеќе масакри, повеќе колежи врз сите цивили во појасот Газа“, вели Гази Хамад, официјален претставник на Хамас во Либан.
Непрекинато се слушаат сирени на амбулантски возила. Привремениот прекин во телекомуникациите дополнително ја отежна ситуацијата за повредените.
„Вистинска катастрофа. Повиците за помош од граѓаните целосно престанаа. Локацијата на нападот се утврдува врз основа на информациите дадени од возачот, а потоа се испраќаат амбулантни возила. Тоа е голем временски пропуст“, изјави раководител на болницата Ал-Насер.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст повика на итна деескалација на конфликтот. Порака за прекин на огнот пристигна и од Брисел за да може како што рече шефот на европската дипломатија Борел, да се овозможи и достави испорака на хуманитарна помош. Иран, пак, денеска предупреди дека е премината црвената линија, која може да принуди и други страни да преземат акција.
Бојана Крстевски
