Анкета на ИПИС: Опозициската ВМРО-ДПМНЕ со предност пред владејачката СДСМ
ВМРО-ДПМНЕ има предност пред СДСМ, ова го покажува телефонската анкета на Институтот за политички истражувања – Скопје, спроведена од 25-ти до 27-ми октомври, на примерок од 1.055 испитаници. На прашањето, доколку следната недела има парламентарни избори, за опозициската партија би гласале 20,3 проценти од испитаниците, а за владејачката 11,3. Во албанскиот кампус, опозицијата и дише во врат на ДУИ…

На прашањето „За која партија би гласале доколку следната недела има парламентарни избори?“ 20,3 насто од испитаниците одговориле дека гласот би го дале за ВМРО-ДПМНЕ, додека за СДСМ 11,3 насто – покажува анкетата спроведена од Институтот за политички истражувања.
Сепак, високи 23 проценти од граѓаните рекле дека нема да гласаат за ниту една партија. Најголема доверба од политичарите ужива Христијан Мицкоски, за кого се определиле 16,5 проценти од испитаниците, па следуваат Ахмети и Ковачевски, со 6,1 и 5,6.
Според резултатите, големи се можностите на изборите опозицијата да освои 15 до 20 пратеника повеќе од сегашната власт, а со тоа според директорот на ИПИС, Владимир Божиновски, ВМРО-ДПМНЕ би имала комотна позиција да избере коалициски партнер. Мнозинството граѓани 66,6 проценти се изјасниле, претседателските и парламентарните избори да се одржат заедно во мај следната година.
Истражувањето е спроведено телефонски во период 25-ти до 27-ми октомври на 1.055 полнолетни испитаници за потребите на ИПИС. Резултатите од анкетата се подложни на статистичка грешка од плус, минус три проценти.
Андријана Ѓурческа
