Масовни протести низ светот за крај на насилството во Газа
Од Лондон, Рим и Берлин, до Њујорк и Блискиот Исток – масовни протести викендов се одржуваат низ светот со барање да се стави крај на насилствата и на страдањата на луѓето од Газа. Некаде имаше судири меѓу полицијата и демонстрантите. По жестокиот говор на Ердоган во Истанбул, Тел Авив ги повлече дипломатите од Турција за да ги преиспита односите со Анкара…

Сликите од голготата и маките низ која минуваат цивилите во појасот Газа, го кренаа светот на нозе. Обединети од Истанбул до Лондон и Њујорк, Берлин и Рим, многумина кажаа јасно „не“ за нехуманото страдање и катастрофалните услови во кои се најдоа жителите на Газа, откако почна конфликтот на милитантите на Хамас со израелските одбранбени сили.
Стотици Американци маршираа по улиците во Њујорк, дел од нив упаднаа во железничката станица „Гранд Централ“, со црни маички испишани со пораки „Прекин на нападите веднаш“ и „Слобода за Палестинците“, скандираа за поддршка на Палестинците. Уапсени се над 300 лица. И во Лондон судир на полицијата со пропалестинските демонстранти. Илјадници жители на Лондон бараат крај на нападите во Газа.
„Мора да се најде решение по мирен пат. Муслиманите можат да бидат мирни на глобално ниво. Долго време бевме тероризирани и жртви. Дојде време да се промени тоа.“
„Она што го прави Израел се нормализира низ целиот свет. Ние сме тука да го запреме тоа. Мора да се залагаме против угнетување, сите треба да маршираме во секоја пригода, за солидарност, за Палестина“, велат демонстранти во Лондон.
Најмасовниот протест се одржа во Истанбул. Околу милион демонстранти излегоа на протест со поддршка за палестинскиот народ. Жестокиот говор на турскиот претседател Ердоган кој Израел го обвини за воени злосторства, дополнително ја зовре атмосферата, Тел Авив ги повлече дипломатите за да ги преиспита односите со Анкара.
„Она што се случува во Палестина не е војна, тоа е масакр, геноцид. Додека масакрот и војната не завршат, сè што ќе зборуваме е Палестина“, вели демонстрант од Истанбул.
Во Рим стотици демонстранти со емотивни пораки за мир и апел за прекин на конфликтот меѓу Израел и Хамас.
„Тука сме да протестираме против геноцидот што се случува во Газа и Палестина долги години, не смееме да прифатиме пред очи да ни се случуваат злосторства.“
„Ова е прашање кое трае долго време. Има години и години угнетување, окупација, убиства на деца и цивили. Некој мора да го спречи ова“, велат демонстрантите во Рим.
Хуманитарната катастрофа во појасот Газа секојдневно се продлабочува. Жителите оставени без основните прехранбени продукти, без вода и струја. Болниците преполни со ранети, но без потребните лекови и препарати. Од почетокот на војната меѓу Хамас и Израел, досега загинаа околу 8 илјади цивили, а околу 20 илјади се ранети.
Маја Стојанова
