Иницијативата „Борба за Влае“ на протестен собир против бетонизацијата на населбата
Иницијативата „Борба за Влае“ попладнево на протест во населбата. Причина за незадоволството е постапката за носење нов детален урбанистички план, за којшто велат дека ќе донесе џиновска зграда и неколку помали на државно земјиште, а со тоа и бетонизација на Влае. Општината, пак, тврди дека е намалена површината за градење…

„Не“ за изградбата на 12-катницата на државното земјиште во Влае, порачаа дел од локалните жители, на уште еден протест организиран од граѓанската иницијатива „Борба за Влае“.
Граѓаните се револтирани поради, како што велат, тоа што Општина Карпош сака да протурка детално урбанистички план кој предвидува изградба на една огромна и неколку помали згради на државно земјиште. Велат, Влае некогаш беше позната по многубројните зелени катчиња за игра на децата и дружење на возрасните. Сега, пак, велат-нашите деца не можат да одат безбедно ни до училиште, поради зголемениот обем на сообраќајот, кој дополнително ќе се зголеми со изградбата на висококатницата.
Влае треба да се развива во насоката која ја посакуваат граѓаните, а не урбаната мафија, велат жителите на населбата.
Од Општина Карпош, пак, велат дека голем дел од забелешките на граѓаните се земени в предвид и дека парковското зеленило е зголемено, а површината за градење намалена.
Иницијативата „Борба за Влае“ и лани организираше протести за кои како што велат, се покажаа ефективни откако беа избришани станбени објекти предвидени да се градат на државно земјиште.
Марија Котовска
