Концерт на Филхармонија посветен на 60 години Музичка младина на Македонија
На програмата се „Водич низ оркестарот за млади“ од Бенџамин Бритн, Симфониски варијации за виолончело и оркестар од Леон Боелман, Капричо-Етида во форма на валс од Сен Санс и „Рапсодија на тема од Паганини“ од Сергеј Рахмањинов...

Оркестарот на Македонска филхармонија овој четврток, со почеток во 20 часот ќе го изведе концертот насловен „Извор“ посветен на 60 години Музичка младина на Македонија. Диригент е Борјан Цанев, а како солисти ќе настапат младите инструменталисти Магдалена Дрмач – виолончело, Леонардо Димоски – виолина и Гоце Златев – пијано. На програмата се „Водич низ оркестарот за млади“ од Бенџамин Бритн, Симфониски варијации за виолончело и оркестар од Леон Боелман, Капричо-Етида во форма на валс од Сен Санс и „Рапсодија на тема од Паганини“ од Сергеј Рахмањинов.
Бенџамин Бритн е англиски композитор, диригент, виолист и пијанист. Се смета за еден од најзначајните британски композитори, по Хенри Персл. Едно од најпознатите дела на Бритн е „Водич низ оркестарот за млади“, во кое на интересен и оригинален начин ги прикажува инструментите и инструменталните групи во оркестарот. Делото е создадено како музичка подлога за детскиот едукативен документарен филм „Инструменти во оркестарот“.
Леон Боелман е француски оргулист и композитор од ерата на романтизмот, кој напишал повеќе од 160 дела за време на својот краток живот (починал на 35 години). Студирал музика на École de Musique Religieuse et Classique, истото школо каде што учел и Габриел Форе. Најпознати дела на Боелман се „Готска суита“ и Симфониски варијации за виолончело и оркестар. По оргулите, виолончелото му бил втор омилен инструмент на Боелман.
Камиј Сен-Санс е француски оргулист, диригент и композитор. Започнал да стекнува популарност уште како дете на 11 години, бидејќи со леснотија свирел комплексни пијанистички дела, кои не биле едноставни ниту за етаблираните пијанисти. Напишал многу композиции во различни музички форми, но најомилена му била симфониската поема. Напишал 12 опери, меѓу „Самсон и Далила“, една од најизведуваните на светските оперски сцени. Оригинално напишана како Етида за пијано, Капричо – Етида во форма на Валс, опус 52, број 6, била транскрибирана и аранжирана за виолина и пијано од големиот виолинист Ежен Исаи.
Еден од најголемите руски композитори Сергеј Рахмањинов (1873 – 1943), се смета и за најголем пијанист на целиот 20 век, бидејќи поседувал истакнато чувство за ритам и легендарни технички можности. Во периодот помеѓу двете војни, Рахмањинов напишал мал број дела, и најзначајна од тој период е токму Рапсодијата на тема на Паганини. Рапсодијата поседува интегрирана структура, а најпопуларна е 18-тата бавна варијација втемелена на инверзија на мелодијата на темата на Паганини, којашто е користена и во неколку филмски остварувања, меѓу кои и во „Ронин“, „Сабрина“ или „Somewhere in Time“.
Леонардо Димоски е роден 2004 година, во Битола. Музичкото образование го започнува на 6-годишна возраст во Прилеп, во ООМУ „Ордан Михајлоски Оцка“, во класата на проф. Оливера Гемту и ментор проф. Ванчо Стоилков. Од јануари 2017 година работи под менторство на м-р проф. Сихана Бадивуку. Во 2023 започнува да студира во Виена со проф. Павел Верников и проф. Кристина Шуклар. Учесник и добитник е на бројни награди на државни и меѓународни натпревари. Учествувал на „Виолин фест“ – Скопје, во 2016, 2017, 2018, 2019 и 2023 год.
Магдалена Дрмач е родена 2006 година. На осумгодишна возраст почнува да свири виолончело во Основното музичко училиште – ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ – Скопје, во класата на професорката Александра Јаневска. Во периодот од 2015 до 2023 година учествува на многу натпревари каде што освојува многу први награди. Во 2022 година ѝ е доделена наградата за најдобар ученик на гудачкиот оддел во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“. Магдалена е лауреат на фестивалот „Полихимнија“ во 2023 година. Настапува и во Рим, Италија како дел од државната делегација во чест на празникот Св. Кирил и Методиј. Присуствува на многу мастерчасови со врвни професори како: Стефан Попов (Обединето Кралство); Гал Фаганел (Словенија); Вида Вујиќ (Австрија); Ерих Оскар Хутер (Австрија); Атанас Крастев (Бугарија); Милутин Младеновиќ (Србија); Александар Кузмановски (Словенија); Милитијадис Касарос (Грција). Била дел од Камерниот оркестар на МММ „Саша Николовски-Ѓумар“ и „Нонет +“, „Ајга“, како и од проектот „Musica un Ponte tra i Popoli“ во Форли, Италија, 2022 година. Магдалена е водечки челист во симфонискиот и камерниот училиштен оркестар.
Гоце Златев е роден 2006 година. Основното музичко образование го започнува во Штип на осумгодишна возраст во класата на проф. Гоце Костадинов, а од 2017 година учи во Скопје во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во класата на проф. д-р Славица Мицовска-Смилевска. Сега е ученик во четврта година – Инструментален отсек – пијано специјал. Во текот на своето музичко образование учествува на повеќе државни и меѓународни натпревари и добитник е на многу награди, меѓу кои прво место во Словенија; награда „Најголем виртуоз“ во Бугарија; второ место на натпреварот „Шопен“ во Малезија и др. Настапувал со оркестарот „Видин Симфониета“, под диригентство на маестро Петер Димитров во Софија, Бугарија; во 2019 година настапува на два концерта во Париз, Франција; во 2021 и во 2022 година настапува со Македонска филхармонија, под диригентство на Сашо Татарчевски и Дијана Илковска-Имери. Во 2019 година на 13-годишна возраст го одржува првиот солистички рецитал во Скопје, по кој следат девет солистички рецитали од кои три во Скопје, Штип, Велес, Битола, Струмица, Гевгелија и рецитал во Рим.
Борјан Цанев дипломира на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а магистрира на Државната музичка академија во Софија, Бугарија. Од 1999 година е редовен диригент на Македонската филхармонија, а во 2001 година специјализира на Кралскиот музички колеџ во Лондон, Велика Британија. Посетува мајсторски курсеви и пракса кај диригентите сер Сајмон Ратл, Даниеле Гати и Јанош Фурст, а подоцна му асистира на сер Колин Дејвис во Моцартовата опера „Дон Џовани“ во продукција на Кралската оперска школа. Добитник е на наградата „Аугуст Ман“, за најдобар диригент на Кралскиот музички колеџ, а настапува и со Лондонскиот симфониски оркестар во рамките на мајсторскиот курс на Сер Колин Дејвис. Од 1999 година до денес, Цанев остварува бројни концерти со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија во Македонија и странство (Рим, Париз, Истанбул, Прага, турнеја во Полска и др.). Учествува на голем број реномирани фестивали во земјава и во странство, соработувајќи со реномирани солисти како Дејвид Герет, Јоханес Мозер, Иља Гринголтс, Раби Абу Калил, Моника Лесковар, Гзавие Филипс, Кристиан Фрон, Питер Лукаш-Граф, Бранимир Слокар, Серџо Тиемпо, Благој Нацоски, Ана Дурловски, Ана и Олег Кондратенко и др.
Борјан Цанев има остварено гостувања во Англија, Италија, Франција, Хрватска, Србија, Бугарија, Турција, Чешка, Полска, а воедно има направено и трајни снимки за Македонската радио-телевизија, Бугарското национално радио и „F.A.M. E’S – Macedonia“.
