Израел

Израелската армија ги проширува копнените и воздушните напади во Газа

30.10.2023 09:37

Израелската армија ги проширува копнените и воздушните напади во Газа. Советот за безбедност на Обединетите нации, по барање на Обединетите арапски емирати, ќе одржи вонредна седница. Хуманитарната криза се влошува, антиизраелски демонстранти упаднале на руски аеродром...

Зголемено присуство на воени возила долж јужниот израелски пограничен град Сдерот веднаш до границата со Газа. Конфликтот меѓу израелската армија и Хамас продолжува. Во тек се операции во северниот дел на Појасот. Јордан побара од САД распоредување на системот за противвоздушна одбрана Патриот за да помогнат во одбраната на границата на земјата. Тел Авив ги предупреди цивилите да се евакуираат на југ. Одбраната на Израел бара и евакуација на болницата Ал Кудс, додека СЗО посочува дека тоа е невозможно. Од друга страна, палестинските лекари велат дека израелските сили веќе го нападнало подрачјето во близина. Министерството за здравство во Газа соопшти дека бројот на загинати Палестинци надмина 8.000, а од нив 3.324 се деца. Израел постојано го ажурира бројот на заложници.

„Досега ги известивме семејствата на 311 загинати војници и 239 заложници. Меѓу киднапираните има и странски работници. Продолжуваме со напорите да собираме информации. Бројот на исчезнати лица продолжува да се намалува и сега е околу 40“, изјави Даниел Хагари – портпарол на израелската одбрана.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан рече дека Израел треба да ги преземе сите мерки за да направи разлика меѓу цивили и терористи. Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд го повика Хамас да ги ослободи сите заложници и побара од Израел да направи напори цивилите во Газа да добијат пристап до храна и лекови.

„Сакам јасно да му потенцирам на Израел дека мора цивилите да добијат основна храна, лекови, анестетици, морфиум. Слушаме извештаи за операции кои се одвиваат без овие основни лекови, како да сме во средниот век“, изјави Карим Кан – обвинител на Меѓународниот кривичен суд во Хаг.

Израел ги повика руските власти да ги заштитат Израелците и Евреите по упадот на пропалестински демонстранти на аеродромот во Дагестан. Над 20 лица се повредени, а повеќе од 60 уапсени откако толпа луѓе упаднаа на меѓународниот аеродром во Махачкала во момент кога на пистата слетуваше авион од Тел Авив. Претходно Израел го повика рускиот амбасадор во знак на протест поради посетата на делегација на Хамас на Москва минатата недела. Русија ја опиша посетата како обид за одржување контакти со сите страни од израелско-палестинскиот конфликт.

 

Маријана Димовска