Груевски: Деструктивната политика на СДСМ прави штета на граѓаните и државата

29.05.2014 12:36

Граѓаните не ги бираа пратениците на СДСМ да земаат апанажи и да седат дома...

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во моментот изгледа како возило пуштено во удолница без водач. Дејствуваат по инерција и главната стратегија им е да направат што е можно повеќе штета на Република Македонија. Ова денеска го истакна премиерот Никола Груевски, одговарајќи на новинарско прашање за враќањето на пратеничките мандати на СДСМ.

„Шансата на ваков начин да се загуби препораката од Европската унија е огромна. Мислам дека најсреќен човек во тој момент ќе биде Зоран Заев и ќе скока по еден метар во висина ако дознае дека Македонија ја загубила препораката. Граѓаните тоа го препознаваат, го препознаа и во минатото, а го препознаваат и сега. Тоа не е стратегија, тоа е деструктивна политика што ја водеше Бранко Црвенковски, а сега ја продолжува Зоран Заев“, изјави Груевски по промоцијата на новите пет тома од капиталната едиција „Македонски искушенија“.

Жалам што во меѓувреме ќе направат сериозни штети, не само за државата туку и за сите граѓани во неа, потенцира Груевски додавајќи дека граѓаните не ги бираа да земаат апанажи и да седат дома.