Израел

Израелски тенкови влегоа на периферијата на градот Газа

30.10.2023 12:33

Жестоките борби продолжуваат во Газа. Тел Авив ги предупредува граѓаните да заминат на југ. Бараат и евакуација на болниците кои тврдат дека се користат како жив штит од страна на Хамас..

Израелски тенкови влегоа на периферијата на градот Газа. Се засилува копнената офанзива во Појасот. Тел Авив го предупреди цивилното население што побрзо да се упати јужно од градот. Евакуацијата е и за болниците кои Хамас најверојатно ги користи како жив штит. Секој терористички одред што ќе му се закани на Израел ќе биде ликвидиран – соопштија властите.

„Офанзивата ќе се прошири и засили во согласност со фазите на војната и нејзините цели. Во координираните напади на копнените и воздушните сили, борците убија десетици милитанти во газа кои се забарикадираа во зградите. Во Јудеја и Самарија изутрина, израелски авион елиминира неколку терористи во бегалскиот камп „Џенин. Уапсивме и десетици терористички активисти“, изјави Даниел Хагари - портпарол на израелската одбрана.

Стотици пациенти се заглавени во болниците во Газа, сзо посочува дека е речиси невозможно да се евакуираат. Од друга страна, палестинските лекари тврдат дека израелските сили веќе стрелале во близина до болниците. Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд го повика Хамас да ги ослободи сите заложници и побара од Израел да направи напори, цивилите во Газа да добијат пристап до хранат и лекови.

„Сакам јасно да му порачам на Израел дека цивилите мораат да добијат основна храна, лекови, аналгетици, морфиум. Слушаме извештаи за операции кои се одвиваат без основните медикаменти, како да сме во средниот век“, изјави Карим Кан - обвинител на Меѓународниот кривичен суд во Хаг.

Министерството за здравство во Газа, укажува дека бројот на загинати Палестинци надминал 8.000, а од нив над 3.300 биле деца. Се огласи и германската влада – на располагање е за можни операции на евакуација.

„Се забранува секаква шпекулација за натамошната ситуација и за настаните. Но, фактот што ги ставивме силите на располагање за операции за извлекување, за оперативни задачи покажува дека ја следиме состојбата многу внимателно. Подготвени сме да го направиме она што е потребно“, изјави Кристијан Линднер - министер за финансии на Германија.

Советот за безбедност на ООН повторно на итен состанок за кризната состојба во Газа. За да ги спречи натамошните насилни реакции предизвикани од состојбата на Блискиот Исток, руската полиција ја презеде контролата врз аеродромот во Дагестан во кој упаднаа пропалестински демонстранти откако авион од Израел атерираше на аеродромот. 

„Очигледно е дека настаните околу аеродромот се резултат на надворешно мешање. Путин планира да одржи состанок и да разговара за обидите на западот да ги искористи настаните на Блискиот Исток за да го подели руското општество“, изјави Димитриј Песков, портпарол на Кремљ.

Немирите во Махачкала се „грубо кршење на законот“, коментираше Сергеј Меликов, воениот лидер на Дагестан.

Бојана Крстевски