Одлуката на СДСМ и Заев - „Грчка национална гордост“

29.05.2014 12:43

Дел од експертската јавност во Македонија во континуитет предупредува дека ваквото однесување на опозицијата е штетно за македонските позиции во ЕУ, а корисно е само за оние што противправно не блокираат во меѓународните организации...

Грчкиот печат и он лајн медиуми информираат за одлуката на опозицијата предводена од СДСМ да не ги прифаќа пратеничките мандати. Како што јавува дописникот на МРТ од Атина, простор на оваа информација и отстапија и дел од националистичките блогови како „Грчка национална гордост“.
 
Весникот „Елефтерос типос“ пишува дека 33 од 34 членови на опозициската коалиција предводена од Зоран Заев од СДСМ ја поднеле својата оставка во Парламентот, по одлуката на опозицијата да не ги признае резултатите одржани од изборите на 27- ми април.
 
„Лидерот на СДСМ Зоран Заев рече дека составот на Парламентот не ја одразува волјата на електоратот во земјата“, пишува порталот „Дифенс Нет“.
 
„Зоран Заев побара формирање техничка влада со цел, враќање на демократскиот легитимитет на земјата и организација на нови избори“, пишува порталот „Зугла“.
 
Претходно, во изјава за порталот „ЕуроАктив“ Заев поразот го правдаше тврдејќи дека Македонците се контролирани и не ја искажуваат слободната волја, а Македонија ја опиша како диктатура. Врз основа на изјавата на Заев, порталот во продолжение коментираше дека демократските стандарди во Македонија наводно се влошиле, со што била доведена во прашање релевантноста на препораката на Европската Комисија за одредување датум за старт на преговорите со ЕУ.
 
Дел од експертската јавност во Македонија во континуитет предупредува дека ваквото однесување на опозицијата е штетно за македонските позиции во ЕУ, а корисно е само за оние што противправно не блокираат во меѓународните организации.
 
Одлуката на СДСМ да креира вештачка политичка криза во Македонија се случува паралелно со инцијативата на европратеникот Јоргос Шацимаркакис за поништување на македонската кандидатура за членство во Европската Унија.
 
Скандалозното барање на контроверзниот европратеник, близок до (про)опозицискте структури во Македонија, се официјализираше непосредно по двојната победа на ВМРО- ДПМНЕ на локалните и претседателски избори.
 
 
 
Марија Котовска - постојан дописник на МРТ од Атина