Свет

Почнаа преговорите за „мировната формула“

30.10.2023 16:09

Зеленски на самитот во Малта предлага 10 точки за мировниот план на Украина. Присутни се 66 претставници на држави и меѓународни организации, но без Русија. За Кремљ самитот е контрапродуктивен.

Во Малта продолжува самитот за мировниот план на Украина. На состаноците присуствуваат 66-мина претставници од држави и меѓународни организации, но без Русија. Пред делегатите за национална безбедност, украинскиот претседател Зеленски претстави 10 точки, како можност за поддршка на мировниот план, особено по конфликтот на Блискиот Исток, кој е ризик за оддалечување на фокусот од војната во Украина.

„Во моментов на самитот во Малта се работи на пет од десетте точки. Тоа е нуклеарната и радијациската безбедност, безбедноста на храната, енергетската безбедност и ослободувње на затворениците и депортираните лица, територијалниот интегритет на Украина, како и светскиот поредок. Формирани се групи на држави кои се фокусираат на имплементацијата“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Од Кремљ пак, иницијативата од Малта ја отфрлаат како пристрасна. Портпаролката на руското МНР Захарова, самитот го нарече контрапродуктивен.

„Самиот во формат Копенхаген е апсолутно нетранспарентна платформа која не ги зема предвид мислењата на учесниците. Организаторот на настанот ги користи сите средства, вклучително и измама, уцена и закани, за да привлече што е можно повеќе земји, особено оние кои заземаат неутрална позиција во однос на украинската криза. Во исто време, очигледно е дека таквите собири немаат апсолутно никаква перспектива. Тие едноставно се контрапродуктивни“, нагласи Марија Захарова – портпарол на руското МНР.

На терен продолжуваат жестоките борби. Во Херсон гранатирана зграда, има загинати и ранети цивили. Киев соопшти дека извршиле успешен напад на стратегиски важен објект за противвоздушна одбрана на западниот брег на Крим. Кремљ не ги потврди извештаите.

Маја Стојанова