Железници

Граѓаните во неизвесност, возовите не се редовни или ги нема

30.10.2023 16:29

Граѓаните мака мачат со возовите. Тие кои го користат ова превозно средство за да стигнат до својот дом или работа секој ден се во неизвесност дали ќе стигнат до нивната дестинација бидејќи возовите не се редовни или ги нема. Директорот на претпријатието и денеска остана недостапен за јавноста…

Граѓани стојат на железничка станица со надеж дека ќе стигне возот за да си одат дома. Најголем дел од нив имаат платено месечен билет, за кој не е познато дали и како ќе им се вратат парите бидејќи возниот ред е намален или до одредени дестинации воопшто го нема. Македонската телевизија побара одговори од првиот човек на Железници транспорт, кои се идните планови на државното претпријатие, зошто се укинати одредени возни линии и зошто возовите доцнат. Иако вети, до почетокот на Дневникот не добивме одговор. На терен состојбата иста, железничката станица во главниот град е речиси празна.

„Тешко е да патуваш со воз, некогаш има многу метеж, а прекинувањето на возовите до Битола и до Прилеп навистина е ужасно, бидејќи не може секој да си дозволи да патува со автобус.“

„Тешко ми е бидејќи студирам, некогаш доцнам по половина час.“

„Товарниот воз останал дефект и со тоа и возот од Велес што требаше во 12 и 10 да тргне за Скопје доцнеше половина час.“

„Патуваме до Велес, но во саботата заглави, чекаме воз, ќе дојде, се надеваме“-велат патниците кои ги анкетиравме.

За МЖ транспорт годинава од буџетот се издвоени 10 милиони евра. Лани биле потрошени околу 15 милиони евра, најмногу во последните четири години.

Македонски железници постојано се на листата загубари и должници. Инфраструктурата е во лоша состојба, меѓународни возови нема, домашните линии се укинуваат. Граѓаните се жалат дека често се случува и со часови да чекаат на железничка страница.

Единствените возови кои останаа да сообраќаат се од Скопје до Велес и од Скопје до Гевгелија. Укинувањето на возот до Битола доаѓа само неколку месеци откако беа укинати возовите на релација Скопје-Куманово-Табановце-Скопје.

Андријана Ѓурческа