Скопје

Јавниот превоз никако да се стабилизира

30.10.2023 18:10

Дали на Скопје му се заканува прекин на јавниот превоз? Откако на последната седница на Град Скопје, јавното претпријатие не доби зелено светло за дополнителни субвенции, останува отворено прашањето, дали и до кога ќе сообраќаат автобусите низ главниот град…

Хаотично е со јавниот превоз во метрополата. Автобусите многу често доцнат, а се случува и воопшто да не дојдат на автобуските постојки. Граѓаните секојдневно се жалат.

Добивка на денот е да се стигне според планираното, не доаѓаат навреме, или преполни со патниците не застануваат. Тие што чекаат, велат се принудени да бараат поскапа алтернатива.

Минатата недела ЈСП не доби 110 милиони денари од Град Скопје за дополнителни субвенции бидејќи советниците не гласаа. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ велат дека немаат информација каде претходно ЈСП ги потрошило парите коишто му беа доделени од Град Скопје, односно 440 милиони денари.

Од јавното претпријатие обвинуваат-политиката ги кочи, поради блокади во советот, субвенциите не стигнуваат до нив, граѓаните трпат. Според менаџментот на компанија, трета година по ред владата не ги исплаќа средствата за бесплатниот студентски превоз, должи 360 милиони денари.

Побаравме став од Град Скопје, но и покрај најавата дека ќе се изјаснат околу проблемите со јавниот превоз во метрополата, не добивме одговор.

Ана Јосифоска-Тодоровска