Македонија

26 осомничени во полициската акција „Синџир“, го оштетиле буџетот за осум милиони евра

30.10.2023 18:54

Голема акција на Обвинителството и Финансовата полиција. Во акцијата наречена „Синџир“, која почнала во раните утрински часови, осомничени се 26 физички и 28 правни лица. Го оштетиле буџетот за близу осум милиони евра …

Во Неготино, Кавадарци, Битола и Охрид полицијата од раните утрински часови врши претреси на сервиси и други продажни места за автомобили при што се приведуваат лица осомничени за кривични дела против јавните финансии и платниот промет. Поради фалсификување на документи се одземаат скапи возила коишто на пазарот достигнуваат астрономски цени.

Во Основниот кривичен суд во Скопје од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција пристигнат е предлог за определување на мерки притвор и други мерки за обезбедување присуство против 26 осомничени лица, како и 10 барања за определување привремени мерки-замрзнување на имот. Во рамки на акцијата на Управата за финансиска полиција само во Охрид полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, Секторот за општ и насилен криминал и СВР Охрид на три локации одзедоа 6 возила.

Акцијата сè уште е во тек, а од обвинителството и судот поради обемноста на предлозите и големиот број опфатени лица дополнителни детали за акцијата и предложените мерки најавија за утре.

Сашо Нелоски