Жестоки борби од воздух и на копно во Газа
Израел ја интензивира копнената операција во Газа. Трупите навлезени длабоко во Појасот, се водат жестоки борби со милитантите, поддржани од масивни воздушни напади. Нетанјаху ги одби повиците за прекин на огнот, вели, ова е време за војна. Хамас бара формирање палестинска држава, па потоа прекин на огнот. И Вашингтон на иста линија, вели примирје во моментов не е вистинскиот одговор...

Се стега обрачот околу Газа. Жестоки борби од воздух и на копно. Израел ја отфрла можноста за прекин на огнот со Хамас. „Ова е време за војна“ – изјави Нетанјаху.
„Повиците за прекин на огнот се повици до Израел да му се предаде на Хамас, да му се предаде на тероризмот. Тоа нема да се случи. Израел не ја почна оваа војна, не ја сакаше оваа војна, но Израел ќе победи во оваа војна“, изјави Бенјамин Нетанјаху – премиер на Израел.
„Се бориме на земја и од воздух. Ги користиме сите средства што ги имаме со цел да собереме информации за заложниците, да разбереме каде се и да ги донесеме дома“, изјави потполковник Џонатан Конрикус – портпарол на израелските одбранбени сили.
САД го поддржаа израелското отфрлање на примирјето. Место прекин на огнот, предлагаат паузирање за да се достави помошта во Газа.
„Не веруваме дека прекинот на огнот е вистинскиот одговор во моментов, тоа би било во корист на Хамас. Можеби треба да се разгледа можноста за привремени, локализирани хуманитарни паузи за да се овозможи помошта да стигне до цивилите“, изјави Џон Кирби – портпарол на Пентагон.
Хамас тврди дека проширениот воен напад на Израел во северниот дел на појасот не успеал.
„Сите обиди на израелските окупаторски сили да ја нападнат и да влезат во границите на газа не успеаја. Нашите бригади успешно се бореа против обидите на окупаторските сили и успеаја да им нанесат штети и големи загуби“, изјави Гази Хамад – висок функционер на Хамас.
Повторени повиците за хуманитарен прекин на огнот на итниот состанок на Советот за безбедност на ООН.
„Ситуацијата се влошува од час во час. Без итен прекин на непријателствата, вистинската цена на оваа ескалација ќе се мери со животите на децата“, изјави Кетрин Расел – извршен директор на Детскиот фонд на Обединетите нации.
Во моментов резервите на храна, вода, гориво и лекови за 2,2 милиони жители на Газа се критично мали. Триесетина камиони влегоа во Газа во најголемиот хуманитарен конвој, но хуманитарните работници велат дека помошта сè уште не ги задоволува потребите.
Бојана Крстевски
