Жестоки судири меѓу украинската војска и бунтовниците
Новиот украински претседател Порошенко вети дека ќе разговара со рускиот колега Путин наредната недела во Франција. Тој изјави дека сака наскоро да го потпише клучниот трговски договор со ЕУ, веднаш по инаугурацијата...

Тензично на истокот на Украина. Изутрината бунтовниците урнаа украински воен авион во близина на Славјанск. Ноќта мина во жестоки судири меѓу украинската војска и бунтовниците, медимите јавуваат дека има повредени и загинати од двете страни.
Самопрогласениот градоначалник на Славјанск призна дека ги киднапирале четворицата набљудувачи на ОБСЕ и дека наскоро ќе ги ослободат. На седница на Советот за безбедност на ОН, амбасадорите на Украина и на Русија си ја префрлаа одговорноста.
„Вистина е дека власта не направи ништо 20 години. Регионот е сиромашен и нема работа, но сега е објавена државна политика и таа не смее да се поткопува“, изјави Јури Сергејев, амбасадор на Украина во ОН.
„Токму за тоа требаше да зборувате. Артилериските напади и бомбардирањето нема да го решат проблемот со сиромаштијата“, рече Виталиј Чуркин, амбасадор на Русија во ОН.
Новиот украински претседател Порошенко вети дека ќе разговара со рускиот колега Путин наредната недела во Франција. Тој изјави дека сака наскоро да го потпише клучниот трговски договор со ЕУ, веднаш по инаугурацијата.
Путин во Астана го потпиша договор со Казахстан и Белорусија за Евроазиски економски сојуз кој ќе стапи во сила на 1-ви јануари.
„Заедно денеска создаваме моќен и привлечен центар за економски развој, со огромен регионален пазар од над 170 милиони луѓе“, изјави Путин.
Според аналитичарите оваа постапка на Путин се оценува како можност да ја врати политичката доминација од времето на Советскиот Сојуз.
Марија Петковска
