Во Газа продолжуваат уличните борби и ракетирања
Продолжуваат уличните борби и ракетирања во Газа. Израелската војска упадна во тајните тунели на Хамас. Обединетите Нации бараат хуманитарен прекин на огнот, резервите на храна, вода, гориво и лекови се критично мали...

Израелските сили упаднаа во тајните тунели на Хамас. Тврдат дека го убиле Насим Абу Аџина-член на Хамас кој го наредил масакрот на 7-ми октомври. Уличните борби и ракетирања продолжуваат. Вкрстен оган и меѓу Израел и Либан.
„Одбраната идентификуваше воздушна цел што се приближуваше до израелската територија, но нема опасност. Изминативе недели илјадници Либанци го напуштат јужниот дел поради страв дека Хезболах ќе ги вовлече во војна“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.
Израелските сили успеаја да ја ослободат и првата заложничка-жена-војник која му се врати на семејството во Израел. Неизвесна останува судбината на другите. Младата Шани Лоук, со чиешто тело парадираа милитантите од Хамас, била обезглавена.
„Неизвесноста е најлоша. Сега барем знаеме дека не страдала. Важно е и светот да види дека ова не е само чин на војна, туку терор, суров и брутален“, изјави Рикарда Лоук, мајка на Шани Лоук.
„Ги користиме сите средства што ги имаме со цел да собереме информации за заложниците, да разбереме каде се и да ги донесеме дома“, изјави Џонатан Конрикус, портпарол на израелските одбранбени сили.
Израел ја отфрли можноста за прекин на огнот со Хамас.
„Повиците за прекин на огнот се повици до Израел да му се предаде на Хамас, да му се предаде на тероризмот. Тоа нема да се случи. Израел не ја почна оваа војна“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
„Тоа би било во корист на Хамас. Можеби треба да се разгледа можноста за привремени, локализирани хуманитарни паузи за да се овозможи помошта да стигне до цивилите“, изјави Џон Кирби, портпарол на Пентагон.
Хамас тврди-нападот на Израел е неуспешен.
„Нашите бригади успешно се бореа против обидите на окупаторските сили и успеаја да им нанесат штети и големи загуби“, изјави Гази Хамад, висок функционер на Хамас.
ООН бараат хуманитарен прекин на огнот.
„Ситуацијата се влошува од час во час. Без итен прекин на непријателствата, вистинската цена на оваа ескалација ќе се мери со животите на децата“, Кетрин Расел, извршен директор на Детскиот фонд на Обединетите Нации.
Во моментов резервите на храна, вода, гориво и лекови за 2,2 милиони жители на Газа се критично мали. Триесетина камиони влегоа во Газа во најголемиот хуманитарен конвој, но ова не е доволно.
Бојана Крстевски
