Пациентите на Онкологија го чекаат исходот
Пациентите на Онкологија го чекаат исходот од истрагата за скандалот на Клиниката, не губат надеж дека правдата ќе излезе на виделина. Од Обвинителството за МТВ потврдија дека интензивно се работи на предметот, се преземаат дејствија, но не се во можност да споделуваат детали …

Пациентите на Онкологија во очекување на исходот од истрагата. Велат, свесни се дека станува збор за огромен случај, за проблем што се провлекувал со години, но не губат надеж дека правдата ќе излезе на виделина, а виновниците ќе сносат одговорност. Елизабета, која е дел од Комисијата за увид во Обвинителството, смета дека се работи на расветлување на сите околности.
Од Обвинителството уверуваат дека интензивно работат на случајот којшто е сè уште во предистрага.
„Основното јавно обвинителство Скопје и МВР интензивно преземаат дејствија, меѓутоа со оглед на фазата во која се наоѓа постапката, Обвинителството не е во можност да споделува детали. Јавното обвинителство го разбира интересот на јавноста за предметот и во оној момент кога ќе се стекнат објективни услови без да се наруши текот на постапката, соодветно ќе информира за сите резултати од преземените дејствија“, ни одговорија од Обвинителството.
Истрагата треба да обелодени дали скапите лекови за пациентите на Онкологија завршувале на црниот пазар и дали наместо терапија примале физиолошки раствори.
Покрај истрагата во Обвинителството, формирана и Анкетна комисија. Пациентите од Онкологија бараат случајот да не биде цел за политички поени.
Според Ристовска, ако има вина и кај политичари, и тие треба да сносат одговорност.
Наташа Гркова Петрушевска
