Жителите на регионот на Азот се сообраќајно отсечени од светот
Откако неодамна Македонски железници Транспорт укина два од трите патнички воза кои минуваа низ регионот на Азот, жителите се буквално отсечени од светот...

Мирот и спокојот на Железничката станица во Богомила, село во срцето на регионот од Азот, овој сончев ден ништо не го ремети. Ниту вревата од патници, ниту звукот на возовите. Слика, која ни оддалеку не го илустрира револтот на жителите, оти немаат превоз со кој може да патуваат до Велес, Скопје, Прилеп. Откако неодамна Македонски железници Транспорт укина два од трите патнички воза кои минуваа низ регионот, жителите се буквално отсечени од светот. Оти освен по еден воз од и кон Велес и Прилеп, автобуски превоз немаат со години.
Така жителите на селата Богомила, Бистрица, Согле, Теово за да стигнат до Велес, Прилеп мора да патуваат со автомобил или со такси. Превозот со такси до градот чинел 1.500 илјади денари. Сега единствениот воз кој патува кон Скопје е во 4,50 ч наутро а попладне е кон Прилеп и Битола во 16,30 ч. Не можат да отпатуваат ниту по лекови ниту на специјалистички преглед во некоја од болниците, оти распоредот на возење е за нив некорисен.
Железничката станица во Богомила е убаво уредена, реновирана 2018 со средства од ЕУ, но нема патници кои ќе ја користат.
Петар Печков
