КПУ „ИДРИЗОВО“

Затворениците го прекинаа штрајкот со глад

31.10.2023 16:23

Над 200-те осуденици од „Идризово“, кои утрово одбија да ја примат храната го прекинаа штрајкот со глад. Состојбата во најголемиот затвор се смирува по саботниот претрес, кога имаше повредени. Народниот правбранител влезе во затворот да ги земе снимките од инцидентот...

По инцидентот што се случи во саботата во затворот „Идризово“ осудениците од денеска стапија во штрајк со глад. Тие побараа во писмо до Управата средба со Народниот правобранител и со Хелсиншкиот комитет. Од 1.183 осуденици штрајкуваат 213 од полуотворениот дел потврдуваат од затворот „Идризово“.

Осудениците од полуотвореното одделение тврдат дека на повредените по саботниот претрес не им била укажана лекарска заштита, иако биле со тешки телесни повреди. Управата за извршување на санкции прави вонреден надзор на состојбите во затворот.

До Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет нема стигнато официјално барање за средба. Тим од канцеларијата на омбудсманот веќе влегол во „Идризово“.

И Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет предупредуваат дека состојбата во затворите е лоша и нема елементарни услови за процесот на ресоцијализација.

Ана Јосифоска-Тодоровска